Table of Contents
Новинарката Теодора Цветковска, која долго време работеше за повеќе телевизии и медиуми, почна свој поткаст во септември минатата година
„Анекта“ или „таа што раскажува приказни“, ни носи нова приказна секој петок. Новинарката Теодора Цветковска, која долго време работеше за повеќе телевизии и медиуми, почна свој поткаст во септември минатата година. Речиси една година таа во фокусот ги става сториите од маргините кои смета дека заслужуваат повеќе од две минути на крајот од информативниот дневник.
Кој момент беше пресуден за да решиш да започнеш со свој поткаст?
Живеењето во Прага, Чешка ми ги отвори хоризонтите. Сфатив дека можам многу повеќе и дека треба да пробам да направам нешто на кое ќе бидам „сама своја газдарица“.
Какви приказни се стремиш да раскажуваш преку твојот поткаст?
Приказни што нема да ги чуете на вести или да ги прочитате на порталите. Проблемите на обичниот човек, приказни со кои може да се идентификува секој од нас. Животните приказни на луѓето од сцената, уметниците, но најмногу маките на оние поради кои станав новинарка, а тоа се маргинализираните.
Што е добар поткаст според тебе?
Поткаст во кој внимателно се одбрани гостите, новинарот/водителот е подготвен за интервјуто, се внимава на етиката и на тоа што се „пушта“ во етерот. Македонските поткасти за разлика од странските се разликуваат само по бројот на гледаност или слушаност, поради јазичната бариера. Сѐ друго, од продукција, социјални медиуми и маркетинг е исто како и во странство, затоа што опремата со која се работат поткастите веќе е лесно достапна и кај нас.
Велат дека секој може да направи поткаст. Навистина ли е толку лесно?
Точно е дека секој може да направи поткаст. Секој којшто заштедил некој денар и има желба да разговара пред камера. Но никако не е едноставно. Тоа го забележувам и по првиот агрегатор за поткасти што го создадовме токму јас и мојот тим, podcasts.mk. Се забележува еден тренд каде што поткастерите стасуваат до десеттата, а некои и до 20. епизода, и потоа ги снемува. Барањето теми, гости, брифинзите, снимањата одземаат многу време, но и претходно искуство, интегритет и малку поголем именик. Точно е тоа дека можете да најдете нечиј број, но не секој ќе прифати да седне спроти вас и да ви биде соговорник. Околу исплатливоста на оваа работа, како и за сѐ друго во животот, резултатите доаѓаат бавно, што е нормално ако не продавате „ветер и магла“. Најлесно е да се продаде тоа, ама и лесно е да се изгубите кога не се гледа прст пред око.
Поврзани објави
Како „Анекта“ ти ги промени сфаќањата, животните погледи и приоритети?
Тешко ми е да одговорам на ова прашање. Сè е некако хаотично, а истовремено и толку убаво кога работиш нешто што навистина го сакаш. Сега приоритет ми е растењето на мојот син, додека паралелно „растам“ и поткаст. Напорно е, ама нема назад. Само едно знам, сега си ги одбирам битките, не правам лесно компромис и семејството и блиските пријатели ми се на прво место.
Кои се твоите омилени поткасти?
Агеласт, Тампон Зона и Heavyweight.
Кој би сакала да ти гостува во „Анекта“?
Сашо Мијалков – затоа што никогаш и никаде не даде интервју.
За што не зборуваме доволно, а би требало?
За луѓето со попреченост, за бремените жени и родилките и за тоа како длабоко вкоренетата корупција во општеството и инертноста на институциите ги прави истите тие невидливи.
Зошто хиперпродукцијата на поткасти е добра или лоша?
За сега сметам дека е добра, ќе видиме накај ќе нè однесе. Мора да имаме пикови, за да останат тие кои навистина вредат.
Совет за оние што сакаат да започнат свој поткаст?
Нека почнат со добра идеја и поддршка барем од уште еден човек. Другото е посветеност, експериментирање, запознавање со публиката и долго време „волонтерска“ работа.