„Стареењето не е непријател. Стареењето е неизбежно. Непријател е некој кој мисли дека стареењето те прави помалку вреден.“
Природен инстинкт на секоја жена е да изгледа убаво и негувано и нема ништо лошо во тоа да се грижиме за нашето тело и кожа. На крајот на краиштата, добриот изглед дава самодоверба и ја подобрува личноста. Но можеме да го одбиеме притисокот и да живееме и старееме на мир. Дали тоа значи „достоинствено стареење“? И што е „грациозно стареење“? Дали тоа е опис на некој што не изгледа или не се однесува на нивната возраст? Дали е тоа целта кон која треба да се стремиме?
Овие прашање се разгледуваа на панел-дискусијата „Нереални стандарди за убавина: дали ни е дозволено да старееме?“, модерирана од водителката Ирена Спировска, на осмата регионална конференција за жени ПРОФЕМИНА 2024, која се одржа во „Холидеј ин“, во Скопје.
Соговорници на темата на Спировска ѝ беа: Јудита Железник, , Катерина Шехтанска, актерка и балерина, Татјана Стојановска Китановска, ТВ лице и м-р Ивана Станковска, клинички психолог и семеен советник.
Што мислите за денешните стандарди за убавина беше првото прашање до инспиративните соговорнички.
„Дали ни е дозволено да старееме? Па на жените над 50 години се’ им е дозволено. Велат дека мажите стареат достоинствено, а за мене ќе кажат ‘види ја каква е, и’ се гледаат белите влакна’. Потребна е голема самодоверба за да се чувствуваш комотно во своето тело.“, започна Јудита Железник.
Потоа, Ирена Спировска ја праша актерката и балерина како таа се справува со промените што ги носат годините.
„Промените се чувствуваат, нема да лажам. Како балерина мислев дека ќе останам вечно млада, и телото до некаде успеав да го одржам во форма, но лицето почна да ги покажува првите знаци на стареење. Колку и да сакам да го задржам, самите хормони се менуваат. Затоа, мислам дека многу е важно самиот на себе да си кажеш: ‘добро утро убавице, како си’. Сметам дека треба да го прифатиме тоа достоинствено стареење, но многу ни е тешко да го сториме тоа“, одговори Шехтанска.
Ирена Спировска ја покани и безвременската убавица Татјана Стојановска да го сподели своето искуство на оваа тема.
„Ние јавните личности сме под лупата на гледачите, тие ги следат сите наши промени, знаат да не’ искритикуваат дека сме остареле, дека сме качиле некој килограм плус. Потребна е голема самодоверба за да можеш да се соочиш со сите коментари, а ние јавните личности имаме уште поголема одговорност од другите секогаш да изгледаме пристојно. Но тој процес на стареење не треба да не’ плаши. Ако сакам да изгледам како 20-годишна девојка, тоа значи дека нешто не е во ред со моето психичко здравје. Тоа не е нормално според мене“, Татјана Стојановска го сподели својот став на оваа тема.
Поврзани објави
Психологот Ивана Станковска го посочи влијанието на денешните општествени очекувања врз психата кај жената:
„Многу е важно човек да живее во сегашноста. Опасно е ако живееме во минатото. Животот се базира на промена, колку и да сакаме не можеме да го одбегнеме тоа. Промените, пак, се базираат на загуба и добивка. Денес, постои еден култ на супержена, кој создава многу притисоци дека треба да бидеме секогаш среќни, секогаш да изгледаме совршено, да бидеме одлични мајки и домаќинки, да бидеме врвни во своите кариери, а тоа многу е тешко да се оствари. Овие очекувања би требало да се калибрираат за да не влијаат штетно врз нашето ментално здравје. А култот кон перфектниот живот се создава на социјалните мрежи. Ми се случува да видам некој од моите клиенти на Инстаграм, објавиле фотографија каде што изгледаат среќни и расположени, а по 2 часа ми се јавуваат и закажуваат термин.“
Во текот на разговорот, Татјана Стојановска ни ги откри нејзините ритуали за забавување на процесот на стареење:
„Во последните години малку му потпомагам на лицето да се подигне со понекој филер, но не претерувам. Основните правила до кои се придржувам се чисто лице, соодветен крем. Признавам дека сакам да си поткаснувам, тоа се гледа и по мене, но но по 45-тата година не е така лесно да се одржува истата форма. Најважно е ние да се прифатиме. Па што ако имам вишок килограми?! Нешто ќе се камуфлира, нешто не, а на кој не му се допаѓам – нека не ме гледа“, отворено зборуваше Татјана, а публиката ја поддржа со аплауз.
Катерина Шехтанска се надоврза:
„Социјалните мрежи ни ги поставија тие високи стандарди за убавина. Еве, признавам, и јас понекогаш ги фотошопирам сликите, бидејќи не ми се допаѓа како изгледам на нив. Ќе се видам во огледало, си се допаѓам, а на предна камера – Цацко молерот“, актерката ја насмеа публиката со своето искрено искуство, а потоа ги откри своите тајни на убавината:
„Секогаш сум внимавала на хигиената. И секогаш сум вежбала, а тоа одлично влијаело врз моето ментално здравје. Не е важно само што внесувате преку храната, туку и што внесувате преку главата. Многу повеќе внимавам да сум среќна и расположена отколку на тоа каков третман за убавина ќе применам“.
Негувана жена е убава жена гласи мотото на „Козметика Афродита“, а Јудита Железник објасни што тоа подразбира:
„Мора да се грижиме за себе. Ако јас сум добро и моето семејство ќе биде добро. Тоа што го ставаме на кожата ни помага да останеме негувани и задоволни од самите себе. Во 20-тите години не ни требаат никакви тешки состојки, туку само хидратација и хигиена. Во 30-тите години почнуваме да старееме и тогаш ни треба похранлива нега. Не може инфлуенсерка во 20-тите години да рекламира антиејџинг-кремови“, појасни специјалистката во областа на маркетингот и продажбата во „Козметика Афродита“ уште еднаш потенцирајќи колку е важно да ги прифатиме своите години.
Учесничките на оваа инспиративна панел-дискусија се согласија дека стареењето не е непријател – непријател е некој кој мисли дека стареењето те прави помалку вреден, а по крајот на нивниот разговор неколку среќни добитнички што учествуваа во богатата лотарија добија вредни подароци од „Козметика Афродита“