Ана де Армас и Камила Кабељо ги засениле сите на доделувањето латински греми-награди!
Лас Вегас во четвртокот вечерта беше центарот на музичкиот и модниот свет. Во раскошната сала MGM Grand Garden Arena се одржа 27. доделување на наградите Latin Grammys, кое собра бројни светски ѕвезди. Сепак, особено внимание на црвениот килим привлекоа актерката Ана де Армас и пејачката Камила Кабељо, кои се појавија во провокативни, женствени креации инспирирани од долната облека.
Ана на свеченоста пристигнала во друштво на своето момче, музичарот Алберто Монтенегро. Само еден ден претходно, двајцата за првпат заедно се појавиле на црвениот килим, на свечената вечера посветена на Личноста на годината на Латинската музичка академија, исто така во Лас Вегас.
Актерката за оваа пригода избрала креација од модната куќа Elie Saab. Синиот сатенски фустан, со проѕирни делови и детали од тантела, ги истакнал нејзината фигура и облините, додека елегантниот крој му дал дополнителна доза гламур на целокупниот изглед.
Камила Кабељо се одлучила за понежна, но еднакво впечатлива комбинација. Таа носела комплет во светлорозова боја од модната дизајнерка Симон Роша, составен од краток топ и здолниште украсено со тантела.
Подоцна пејачката го променила изгледот и на сцената се појавила во раскошен цветен фустан од модната куќа Christian Dior, за да врачи една од наградите.
Розалија освои пет награди и се расплака на сцената
Сепак, најголемата ѕвезда на вечерта беше шпанската пејачка Розалија, која освои дури пет признанија, меѓу кои и она за албум на годината. Награди ѝ припаднаа и во категориите песна на годината, најдобра поп-песна, најдобар алтернативен албум и најдобар краток музички спот.
Розалија на црвениот килим пристигнала во спектакуларен фустан од модната куќа Matières Fécales, изработен специјално за неа. Највпечатливиот детаљ бил огромното здолниште од тул.
Поврзани објави
Нејзиниот албум „Lux“ ги надмина изданијата на изведувачи како Карол Џи, Анита и Хорхе Дрекслер, а пејачката не успеа да ги сокрие емоциите додека го примаше признанието. Својот говор го започна на шпански јазик, низ солзи, истакнувајќи колку ѝ значи овој албум на лично ниво.
„Ова е третпат како ја освојувам оваа награда. Исто како што ‘El Mal Querer’ за мене беше сон, а ‘Motomami’ ризик, ‘Lux’ беше скок во непознатото“, изјави Розалија, потсетувајќи се на своите претходни музички изданија.
Таа додаде дека смета оти е важно секој да ја раскажува сопствената вистина и да им овозможи на другите да го направат истото.
„Овој албум е мојата вистина“, порача пејачката.
Наградата ѝ ја врачи колумбискиот пејач Хуанес, кој одиграл важна улога на почетокот на нејзината кариера. Розалија со особени емоции се присети на неговата поддршка во периодот кога настапувала пред мал број луѓе во Мадрид.
„Кога во просторијата имаше само 100 луѓе, ти беше таму. Многу ми помогна на почетокот на кариерата и сè уште си покрај мене“, рече пејачката.
Џенет Џексон ја изненади публиката
Еден од најемотивните моменти на вечерта се случи кога на сцената неочекувано се појави Џенет Џексон, која на раперот и пејач Деди Јенки му го врачи признанието за Личност на годината.
Двајцата претходно соработуваа на дуетот „Made for Now“ од 2018 година, па нивната средба беше особено емотивна. Џенет за оваа пригода одбрала впечатлива виолетова комбинација од модната куќа Luar.
ФОТО: ИНСТАГРАМ