Колективот на градинката „Плави Чуперак“ во Тител се огласи по жестоките реакции што ги предизвика објавата на Вељко Ражнатовиќ, кој откри дека на неговиот најмлад син во оваа установа му облекле костим на бубамара со црвено здолниште од тул.
На социјалните мрежи настана вистинска бура откако Вељко Ражнатовиќ објави видео на Инстаграм во кое го изрази своето незадоволство поради тоа што неговиот син во градинката во Тител бил облечен во костим на бубамара, кој вклучувал црвено здолниште од тул.
Тој истакна дека смета оти такво нешто е недозволиво, поради што решил јавно да реагира. Во дебатата се вклучија и членови на неговото семејство, но и познати личности кои го поддржаа Вељко и неговата одлука јавно да проговори за случајот.
Директорката на градинката, Јованка Андриќ, претходно изјави за „Курир“ дека целата приказна е измислена и смешна, а потоа се огласи и колективот на установата со соопштение на својот профил на Фејсбук, упатено до родителите.
Дали играта ја гледаме низ очите на детето или низ очите на возрасните? По реакциите на настанот за време на активноста со маскирање во нашата градинка, сакаме да потсетиме на значењето на играта во развојот на децата од најрана возраст“, се наведува во објавата.
Поврзани објави
Во соопштението понатаму се објаснува дека преку играта, маскирањето и преземањето различни улоги децата го имитираат светот околу себе, ги пресоздаваат секојдневните искуства и испробуваат различни начини на изразување.
На тој начин ги развиваат фантазијата, говорот, креативноста, самостојноста и социјалните вештини. Изборот на здолниште како дел од костимот на бубамара кај двегодишно дете претставува спонтан избор во играта и можност за истражување.
На оваа возраст детето не им придава родови и општествени значења на облеката и костимите на начин на кој тоа го прават возрасните. Затоа е важно детската игра да ја разбираме од перспектива на детето, во согласност со неговата возраст и развојни потреби, и да му овозможиме безбедна и поттикнувачка средина за игра и учење“, стои во соопштението на колективот на градинката.
Да потсетиме, покрај Вељко, на својот профил на Инстаграм јавно реагираше и неговата сопруга Богдана Ражнатовиќ, која го затекнала синот во градинка облечен во костим на бубамара со здолниште.
Фото: Printscreen Instagram