„Целта ми е еден ден ова да биде пансион, а дотогаш ќе живеам сама во овој огромен простор“
Витни Андерсон (45) направила нешто на што ретко кој би се осмелил – купила напуштена црква стара 128 години во Мичиген и одлучила да ја претвори во свој дом. За ова необично недвижно богатство, во јуни 2024 година платила околу 40.000 евра во готовина, но тоа било само почетокот на големата авантура. Досега вложила околу 173.000 евра во реновирањето, а се надева дека главниот дел од работите ќе го заврши до крајот на 2028 година.
Иако за повеќето луѓе купувањето дом е една од најголемите финансиски обврски во животот, Витни успеала да го избегне она од што многумина најмногу стравуваат – кредитите, хипотеката и долговите. Од заштедата од околу 223.000 евра, потрошила приближно 173.000, па сега ѝ остануваат околу 50.000 евра. Сепак, пред неа има уште многу работа, бидејќи претворањето на вековна црква во функционален дом бара многу повеќе од обично реновирање.
„Ги направив сите работи што не би требало да се прават кога купувате куќа, но ова не е обична куќа. Ова е црква што стана дом“, вели Витни, свесна дека се впуштила во проект што е далеку од вообичаен.
Сама рушела ѕидови, отстранувала подови и ги надгледувала мајсторите
Реновирањето го започнала во јуни 2024 година, а претходното искуство со стари и напуштени објекти ѝ помогнало полесно да се справи со предизвикувачките работи. Не чекала мајсторите да завршат баш сè. Сама ги рушела старите и оштетени ѕидови, ги отстранувала вратите, ги вадела дотраените теписи и паркетот, а потоа се фатила и за фарбање и варосување.
За време на работите, таа практично кампувала во црквата. Така не само што била присутна додека просторот се менувал, туку можела одблизу да ја следи секоја фаза од реновирањето и да контролира што се работи.
Греењето го решила со печка на пелети, додека месечните сметки за струја, собирање на отпадот и вода изнесуваат околу 230 евра. Иако успеала да избегне задолжување, трошоците за одржување и довршување на објектот покажуваат дека животот во ваков необичен дом бара сериозно планирање на буџетот.
Витни го искористила и целиот материјал што го нашла во црквата – старите клупи и маси ги претворила во мебел, кој го вградила во библиотеката.
Поврзани објави
Социјалните мрежи ѝ помогнале да го оствари сонот
За време на реновирањето, Витни снимала и го објавувала својот напредок на социјалните мрежи. Нејзините објави привлекле големо внимание, а приказната за жената што решила да претвори напуштена црква во дом станала вирална.
Популарноста на интернет ѝ донела и поддршка од спонзори, кои ѝ помогнале во уредувањето на одделни делови од просторот. Меѓу нив се кујната и импресивната библиотека, која станала еден од највпечатливите детали во овој несекојдневен дом.
„Да не беа социјалните мрежи, немаше шанси да успеам сама да го направам ова“, признава Витни.
Иако досега вложила речиси четири и пол пати повеќе пари во реновирањето отколку што ја платила самата црква, пред неа има уште неколку години работа. Целта ѝ е до крајот на 2028 година да го заврши главниот дел од проектот и целосно да ја приспособи старата градба за живеење.
Планот е до 2029 година објектот да биде подготвен и за изнајмување, а дотогаш ќе работи на привлекување туристи.
Засега Витни ги паузирала опремувањето и реновирањето додека повторно не го зајакне буџетот, но планира наскоро да продолжи со работите. Нејзината приказна и како изгледа црквата претворена во дом денес можете да ги погледнете во видеото подолу.
ФОТО: Јутјуб