Сомневањето во родителската љубов во детството е база за развој на партнерска љубомора.
Љубомората е поврзана со целосниот однос кон себеси, другите луѓе и кон светот генерално. Познато е дека се смета дека е во спрега со ниска самодоверба и перцепција на другите луѓе како подобри и поквалитетни. Ако ги перципираме партнерот и жената што е вљубена во него како посакувани, во тоа ривалство ќе се чувствуваме како губитник.
Ставот кон себеси како единствено и вредно битие, кое има некои подобри, а некои полоши особини од другите, но кои заедно прават една уникатна целина, е мошне лековит. Помага и уверувањето дека вие како таква целина сигурно им се допаѓате на некои луѓе, па ако го загубите партнерот, не е крај на светот и не значи дека немате шанса повторно да остварите квалитетна љубовна врска.
Од друга страна, од помош е и ставот дека другите луѓе не го живеат животот за да бидат онакви какви што ги сакаме ние, па многу е подобро да се поврзуваме со оние што се веќе такви какви што ни одговараат. На пример, ако не толерирате флертување, тогаш подобро не обидувајте се да го смените, затоа што тој има право да флертува во својот живот исто како што и вие имате право да бидете со некој што не флертува.
Меѓутоа, и во најдобрата можна врска, ставовите и желбите на партнерот не се совпаѓаат секогаш и барањето партнерот да направи сè според договорот, премолчен или кажан, не е реално. Секому може да му се случи да го прекрши договорот, а способноста да го толерираме тоа претставува доблест што би требало да ја развиваме, затоа што нè штити од посесивна љубомора.
Во тој случај корисно е да ја согледаме пошироката слика. Кога врската функционира добро од повеќе аспекти, способноста за толеранција ќе ни помогне кога нешто ќе зачкрипи, наместо да развиеме посесивна љубомора, да почувствуваме здраво но непријатно чувство, кое се појавува доколку постои реална причина за љубомора.
Поврзани објави
Ако врската не функционира добро, токму тој фактор треба да биде пресуден и одлучувачки за раскинување на врската, а не „доказите за неверство“ што произлегуваат од чувството на нездрава љубомора.
КОГА ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖИТЕ
Земајќи предвид дека љубомората е една од најчестите причини за партнерско насилство, важно е навреме да сфатите дали вашиот партнер е посесивен и патолошки љубоморен. Исто така, многу е важно да знаете дека нема да се смени – патолошката љубомора и агресивното однесување обично се јавуваат кај лица со нарушување на личноста. Знаци што укажуваат на опасност се:
- Партнерот ве контролира и мора да го информирате каде сте, со кого сте, кога ќе се вратите дома, го проверува вашиот телефон.
- Изразува незадоволство и нетолеранција кон луѓето со кои комуницирате, активностите што ги практикувате, вашиот изглед.
- При расправија поголема тежина им придава на своите заклучоци и проекции одошто на реалните случувања.
- Има неконтролирани реакции и напади на бес поврзани со љубомората.
- Чувствувате непријатност кога правите нешто што вашиот партнер не би го одобрил.
- Останувате во врската само заради стравот од реакцијата на партнерот.
Текст: Лидија Ќулибрк