Кинеското Министерство за надворешни работи денеска објави дека Тајван е суштинско внатрешно прашање на Кина, како одговор на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп претходно изјави дека неговиот кинески колега Си Џинпинг го уверил дека нема да ја нападне островската територија додека Трамп е на функција.
„Тој ми рече: ‘Никогаш нема да го направам тоа додека ти си претседател’“, рече Трамп во интервју за Фокс Њуз, пред разговорите во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин за конфликтот во Украина.
„Претседателот Си ми го кажа тоа, а јас одговорив: ‘Добро, го ценам тоа’“, додаде тој. Ова беше прв формален разговор меѓу двајцата лидери за време на вториот мандат на Трамп, кој се случи во јуни годинава.
На денешната стандардна прес-конференција во Пекинг, гласноговорничката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, нагласи дека Тајван е неотуѓив дел од кинеската територија. „Прашањето за Тајван е чисто внатрешна работа на Кина и методот на негово решавање е работа што се однесува на кинескиот народ”, рече таа. „Ќе сториме сè за да се бориме за изгледите за мирно обединување, но никогаш нема да дозволиме некој или некаква сила да го отцепи Тајван од Кина“, додаде Мао.
Кина го смета Тајван за своја провинција и повеќепати се закани дека ќе го „обедини“ со копното, вклучително и со употреба на сила доколку е потребно. Тајван, од друга страна, силно се противи на овие тврдења.
Во Тајпеј, Министерството за надворешни работи на Тајван вчера изјави дека внимателно ги следи интеракциите меѓу високите претставници на САД и Кина. „Тајван ќе продолжи да соработува со државите кои имаат значајни интереси во Индо-Пацифичкиот регион за да го одржуваат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, соопштија од тајванското МНР.
САД остануваат најзначаен меѓународен поддржувач и снабдувач со оружје за Тајван, иако двете земји немаат официјални дипломатски врски. Пекинг, кој никогаш не ја отфрли употребата на сила за да го стави демократски управуваниот остров под своја контрола, рутински го опишува Тајван како најделикатно прашање во односите со Вашингтон.
ссм/фото: архива .
Извор: МИА