Почетна Убавина и здравјеШто му се случува на телото ако секојдневно земате витамин Д? Важен е за цврсти коски, здрави заби, мускулна сила и рамнотежа…

Што му се случува на телото ако секојдневно земате витамин Д? Важен е за цврсти коски, здрави заби, мускулна сила и рамнотежа…

од nenad
3 минути читај за

Важен е за цврсти коски, здрави заби, мускулна сила и рамнотежа, но неговото прекумерно внесување може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Лекарите објаснуваат кои се придобивките од секојдневното земање витамин Д и на што треба да внимавате.

Калциумот е еден од најважните минерали за здравјето на коските, но без доволно витамин Д организмот не може правилно да го апсорбира. Овој витамин има важна улога и во работата на мускулите, одржувањето на нивната сила и рамнотежата на телото. Затоа, неговото редовно внесување може да биде особено корисно за луѓето кои имаат недостаток.

Лекарите за здравствениот портал „Health“ објаснуваат како секојдневното земање витамин Д влијае врз организмот и кои ризици треба да се имаат предвид.

1. Може да ги зајакне коските

Кога организмот нема доволно витамин Д, секојдневното земање додатоци може да помогне во одржувањето на здравјето на коските. По внесувањето, бубрезите го претвораат во калцитриол – неговата биолошки активна форма, која ја поттикнува апсорпцијата на калциумот во цревата.

Според ендокринологот д-р Мерилин Тан од Универзитетот Стенфорд, витаминот Д помага и во апсорпцијата на фосфорот, кој е важен за минерализацијата и цврстината на коските.

Сепак, дополнителните дози немаат докажана значајна корист за коските кај луѓето кои веќе имаат доволно витамин Д.

2. Придонесува за поздрави заби

Витаминот Д има важна улога и во одржувањето на здравјето на забите. Бидејќи и забите зависат од калциумот, недостатокот на овој витамин може да биде поврзан со послабо орално здравје. Тој помага во одржувањето на минералната рамнотежа во организмот, што е важно за цврстината на забите.

3. Ја подобрува мускулната сила и рамнотежата


Поврзани објави

Ниското ниво на витамин Д може да предизвика мускулна слабост, болки и нарушена рамнотежа. Ова особено го зголемува ризикот од падови и скршеници кај повозрасните лица.

Истражувањата покажуваат дека надоместувањето на витаминот Д кај луѓето со недостаток може да ја подобри мускулната сила, рамнотежата и способноста за одење.

4. Прекумерното внесување може да биде опасно

Иако не е честа појава, можно е да се внесе премногу витамин Д. Тоа може да доведе до хиперкалцемија, односно прекумерно количество калциум во крвта.

Симптомите вклучуваат мачнина, повраќање, болки во стомакот, проблеми со когнитивните функции и дехидратација. При долготрајно прекумерно внесување може да настанат и сериозни компликации, како оштетување на бубрезите и опасни нарушувања на срцевиот ритам.

Особено внимателни треба да бидат лицата со хронични бубрежни заболувања. Лекарите препорачуваат додатоците да се земаат соодветно на индивидуалните потреби, а витаминот Д, бидејќи е растворлив во масти, најдобро се апсорбира кога се зема со оброк што содржи масти.

5. Како да препознаете недостаток на витамин Д?

Недостатокот на витамин Д е релативно чест, а може да се открие со едноставна анализа на крвта. Кај многу луѓе не предизвикува забележливи симптоми, но понекогаш може да се појават замор, мускулна слабост, болки во мускулите и коските, како и промени во расположението. Препорачаниот дневен внес за возрасни до 70 години е 600 меѓународни единици (15 микрограми), додека за лицата постари од 70 години изнесува 800 единици (20 микрограми).

Витаминот Д природно го има во релативно мал број намирници, а организмот го создава и при изложување на сончева светлина. Сепак, во зимските месеци тоа може да не биде доволно. Доколку се сомневате дека имате недостаток, најдобро е да направите крвна анализа и да се консултирате со лекар за соодветната доза. Редовното внесување може да биде корисно, но најважно е да не се претерува и додатоците да се земаат според реалните потреби на организмот.

Фото: pexels