Почетна Убавина и здравјеКога вистината е опасна, а молчењето има цена – Убавина и здравје

Кога вистината е опасна, а молчењето има цена – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Политички трилер со елементи на црна комедија, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и продукција на „Њу Момент“. Дебитантскиот долгометражен филм на режисерот не измислува нов филмски јазик, но храбро отвора теми од кои македонското општество сè уште не е подготвено да сврти поглед.

Понекогаш не е потребно да се менуваат локации, да се редат спектакуларни сцени или постојано да се случува нешто ново за да се задржи вниманието на гледачот. Доволни се неколку ликови, една компромитирачка снимка, многу недоверба и систем во кој вистината може да биде поопасна од лагата. Токму на таа формула се потпира „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јаниќијевиќ, кој вечерва ја доживува својата скопска кинопремиера.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу Момент“, со Сашо Пешев како главен продуцент. Филмот е снимен во 2024 година, а светската премиера ја имаше во септември 2026 година на филмскиот фестивал во Олденбург, Германија. Македонската премиера се одржа на 25 септември, на затворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Сценариото го потпишуваат Срѓан Јаниќијевиќ, Дејан Дуковски и Сашо Кокаланов, а филмот трае 110 минути.

Станува збор за политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј центар се новинар, компромитирачко видео и обидите да се спречи неговата содржина да излезе во јавност. Но приказната брзо станува многу поголема од една снимка и луѓето што сакаат да ја контролираат. Таа отвора прашања за корупцијата, злоупотребата на моќта, притисокот врз новинарството и медиумската слобода што често постои повеќе на хартија отколку во реалноста.

Она што е особено интересно е начинот на кој е поставена приказната. Иако најголем дел од дејството се одвива во автомобил, а просторот не се менува значително во текот на речиси двата часа, филмот успева да ја задржи динамиката и да не дозволи вниманието да падне. Напротив, ограничениот простор создава дополнително чувство на притисок, клаустрофобија и неизвесност. Ликовите се принудени да бидат едни со други, а секој разговор, поглед или нова информација може да ја промени насоката на случувањата.

Сценариото постепено ги отвора картите, добро ја гради тензијата и ги поврзува настаните во целина. Финалето се надоврзува на почетокот и ја заокружува приказната на логичен начин, иако некои од разврските можеби нема да бидат целосно изненадување за поискусните љубители на трилери. Сепак, предвидливоста на одредени моменти не ја намалува значително гледливоста на филмот, особено затоа што неговата сила не е само во прашањето што ќе се случи, туку и во она што се крие зад случувањата.

Во филмот може да се препознаат влијанија од современиот дистописки трилер, во духот на „Squid Game“ и „Black Mirror“, особено во начинот на кој се третираат моќта, манипулацијата, контролата врз информациите и односот на поединецот со системот. Но за разлика од целосно измислените дистописки светови, тука најнепријатното е чувството дека многу од прикажаното не е толку далеку од реалноста. Филмот прави остра општествена критика, без да се ограничи само на локалниот контекст: корумпираната власт, привидната медиумска слобода и опасната игра меѓу политичките центри на моќ и обичните граѓани се теми што одамна ги надминуваат македонските граници.

Особено добро функционираат моментите на црна комедија. Хуморот не е тука само за да ја разреди напнатоста, туку и за да го нагласи апсурдот на општеството во кое живееме. Некои ситуации се смешни токму затоа што се непријатно препознатливи. Филмот на тој начин успева да ја избегне опасноста да се претвори во двочасовна политичка лекција и наместо тоа нуди комбинација од сатира, напнатост и прилично сурова реалност.


Поврзани објави

Визуелно, „Нема да ви се верува што се случи претходно“ има динамичен и современ пристап. Брзата монтажа, нео-ноар атмосферата и внимателно осмислените кадри придонесуваат за чувството на постојано движење, дури и кога физичкиот простор е ограничен. Особено успешно се употребени приказите на мобилните телефони, видеоповиците и пораките на екраните. Тие не се само технички додаток или начин да се пренесат информации, туку стануваат дел од филмскиот наратив и од современиот начин на кој комуницираме, се следиме, манипулираме и дознаваме што се случува околу нас. Зад визуелниот идентитет на филмот стои кинематограферот Дејан Димески, додека монтажата е на Мартин Иванов. Музиката ја компонира Игор Василев – Новоградска, а продукцискиот дизајн е на Иван Бартлинг. Токму спојот на камерата, динамичната монтажа и звучната атмосфера придонесува за напнатоста што се одржува и во сцените со минимално физичко движење.

Актерската екипа е еден од најсилните адути на филмот. Никола Ристановски е уверлив и сигурен во улогата на новинарот Бодан, со суптилна, но ефектна игра пред камерата. Неговото долгогодишно искуство е очигледно, особено во малите реакции, погледите и контролата на изразот, со кои успева да пренесе повеќе отколку со самите реплики.

За Дарја Ризова, пак, ова е прво искуство во долгометражен игран филм. На моменти се забележува дека филмската камера ѝ е за нијанса понепознат терен од театарската сцена, но успешно се снаоѓа во новиот медиум. Нејзиниот настап е храбар, присутен и доволно сигурен за да покаже дека има потенцијал за уште поголеми филмски предизвици. Добрата актерска екипа ја надополнуваат и Сара Сандева, Сашко Коцев, Оливер Митковски, како и Атанас Атанасовски, Мирјана Трпковска, Гораст Цветковски, Жаклина Стевковска, Марјан Наумов, Тамара Ристоска, Сара Атанасовска, Лео Поповиќ, Виктор Арсов, Нино Леви со епизодни, но впечатливи улоги.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ можеби не е филм што нуди нешто целосно невидено во жанровска смисла. Но тоа не значи дека неговата амбиција е мала. Напротив, станува збор за смел обид да се направи жанровски привлечен филм кој истовремено има што да каже за општеството, политиката и медиумите. Не се плаши да ја допре македонската колективна меморија, ниту да потсети на времиња во кои информациите, снимките и јавните вистини имаа сосема поинаква тежина.

И можеби најголемата вредност на филмот е токму во тоа што зад трилерската приказна остава една многу понепријатна мисла: што ако најстрашните делови од неа воопшто не се фикција?

Вреди да се погледне. Не затоа што е безгрешен или револуционерен, туку затоа што е храбар, актуелен и доволно провокативен за разговорот да продолжи и откако ќе се запалат светлата во киното.

Пишува: Марија Лукаревска