Почетна МакедонијаРама повторно ги повика студентите на дијалог, постави камена маса пред кабинетот

Рама повторно ги повика студентите на дијалог, постави камена маса пред кабинетот

од nenad
1 минути читај за

Албанскиот премиер Еди Рама повторно им понуди дијалог на студентите и средношколците кои протестираат против неговата влада, поставувајќи камена маса пред својот кабинет во Тирана. На неа оставил пораки со натпис „Дијалог“, како нов повик за разговори.

Во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, Рама го покажа просторот пред кабинетот и порача дека е подготвен во секое време и на кое било место да разговара со оние кои веруваат во комуникација и решенија преку дијалог. Демонстрантите досега ги одбивале неговите повици.

Претходно, учесниците на протестите ја уништиле поставката со столчиња наредени во круг пред кабинетот, на кои исто така имало пораки за дијалог. Новата камена маса е поставена на нивно место.

Протестите во Албанија започнаа на 13 октомври, а ги предводат студенти и средношколци, со поддршка на дел од професорите. Демонстрантите бараат оставка од Рама и од целата влада.

Во меѓувреме, албанската полиција изрекла 31 парична казна од по 5.000 леки за лица кои го блокирале сообраќајот за време на протестот во Тирана. Против уште две лица се поведени постапки поради непостапување по наредбите на полициските службеници.

Според полицијата, демонстрантите за време на вчерашниот протест на булеварот „Дешморет е Комбит“ го попречувале движењето на возилата и покрај повеќекратните предупредувања да го ослободат патот. Материјалите за двата случаи се доставени до обвинителството.


Post Views: 58