Почетна Убавина и здравјеКики Мукаетова е финалистка за престижна награда во технологијата! – Убавина и здравје

Кики Мукаетова е финалистка за престижна награда во технологијата! – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Македонската телевизиска водителка Кики Мукаетова е меѓу шесте финалистки за престижната награда Aspiring Teen Award, во рамките на Women in Tech Europe Awards 2026 – европска манифестација што ги препознава и ги афирмира достигнувањата на жените во технологијата и сродните области.

Ова признание е наменето за девојки и млади жени на возраст од 13 до 21 година кои преку своите идеи, знаења, иницијативи и активности покажуваат потенцијал да придонесат кон развојот на технологијата и иновациите, но и кон поголема застапеност на жените во STEM-областите – науката, технологијата, инженерството и математиката.

Целта на наградата е да ги стави во фокус младите таленти кои уште во раната фаза од својот развој покажуваат иницијативност, лидерски способности и подготвеност да бидат инспирација за новите генерации.

Кои се шесте финалистки за Aspiring Teen Award?

Покрај Кики Мукаетова од Македонија, во конкуренција за признанието се уште пет млади девојки од Европа:

  • Ајсел Будла од Албанија, основачка на платформата PulsePal;
  • Ема Никол Георге од Романија, раководителка за социјални медиуми и односи со јавноста на AIIS Conference;
  • Карла Монте Сихуро од Шпанија, студентка и истражувачка во Computer Vision Center;
  • Ајше Ела Ерол од Турција, основачка и главна уредничка на MindScope Publication;
  • Селма Атар од Франција, практикантка во меѓународната компанија L’Oréal.

Свеченото доделување на наградите Women in Tech Europe Awards 2026 ќе се одржи на 20 ноември во Париз, Франција. Победничката во категоријата Aspiring Teen Award ќе обезбеди пласман во финалето на глобалните Women in Tech Global Awards, со што ќе добие можност за уште поголема меѓународна афирмација.

Меѓународна иницијатива за поголема застапеност на жените во технологијата

Организатор на манифестацијата е Women in Tech Global, меѓународна организација основана во 2018 година во Париз од Ајуми Мур Аоки (Ayumi Moore Aoki). Нејзината мисија е да ја намали родовата нееднаквост во технолошката индустрија и да создаде повеќе можности за девојките и жените во науката, технологијата и дигиталната економија.

Организацијата има глобална мрежа со присуство во повеќе од 65 земји и 74 локални ограноци, а преку своите активности поттикнува образование, претприемништво, дигитална инклузија, менторство и еднакви професионални можности. Нејзината долгорочна цел е до 2030 година да ги зајакне капацитетите и можностите на пет милиони жени и девојки во STEM-областите.


Поврзани објави

Македонскиот огранок на Women in Tech Global е основан во 2019 година и претставува дел од оваа меѓународна мрежа. Предводен од Моника Ризовска, работи на поддршка и афирмација на девојките и жените во технологијата преку едукативни иницијативи, менторство, професионално поврзување и настани за размена на знаења и искуства.

„Вторпат ја претставувам Македонија на голема европска сцена“

По објавувањето на веста за номинацијата, Кики Мукаетова се огласи и на социјалните мрежи, упатувајќи благодарност за признанието и можноста повторно да ја претставува Македонија на европска сцена.

По вторпат ја добивам можноста да ја претставувам Македонија на голема европска сцена. Чест што ми значи многу и гордост што тешко се опишува со зборови! Првиот пат како артист, а сега како тинејџер кој ја користи технологијата за да поттикнува позитивни промени, да отвора нови можности, да ги охрабрува другите и да ги инспирира генерациите што доаѓаат да сонуваат похрабро“, напиша таа.

Во својата објава, Мукаетова не ја заборави ниту публиката, на која ѝ се заблагодари за поддршката, пораките и охрабрувањето што ги добива преку медиумите и сопствените канали.

Секоја искрена порака, секој збор на охрабрување и секоја реакција на приказните и идеите што ги споделувам преку медиумите и на моите канали ме потсетуваат зошто го правам она што го работам. Ве сакам!“, порача младата финалистка.

За Македонија, ова е уште едно убаво меѓународно признание и можност името на една млада претставничка од земјава да се најде меѓу најперспективните европски таленти.

Текст и фото: ПР