Table of Contents
Пред нас седат Тања Кокев и Клара Кокев – мајка и ќерка, дизајнерки и бизнис-партнерки, две генерации со различен поглед кон модата, но со една заедничка слабост: потребата нешто да создадат од нула и да му дадат свој печат.
А можеби токму во тоа е најинтересната страна на оваа приказна.
Клара има 21 година.
KOKEV има 20.
Практично, растеле заедно.
Но во ова семејство брендот никогаш не бил семејна должност.
„Не зборуваме за наследство. Зборуваме за избор.“
Тања никогаш не сакала нејзината ќерка да влезе во бизнисот само затоа што еднаш ќе треба да го преземе.
Во ниту еден момент не ѝ наметнав на Клара да биде дел од KOKEV. Таа има 21 година, а KOKEV слави 20. Практично, растеа заедно. Кога дојде моментот, сама избра да влезе во оваа приказна. Затоа, денес не зборуваме за наследство. Зборуваме за избор“, вели Тања.
Клара, пак, признава дека нејзиниот влез во светот на KOKEV се случил порано отколку што очекувала.
Но, можеби токму тоа било најприродното нешто.
Во бизнисот влегов порано отколку што планирав. Животот едноставно така ги намести работите. Денес знам дека подобро не можело да излезе.“
Таа не морала да учи сè од почеток. Со години го слушала бизнисот додека растела.
Разговори за идеи, луѓе, успеси, дилеми, ризици и одлуки – работи кои за едно дете можеби звучат како разговори на возрасните, но за Клара биле дел од секојдневието.
Дома KOKEV никогаш не беше тема резервирана за возрасните. Мајка ми размислуваше гласно, а јас растев слушајќи разговори за идеи, луѓе, успеси и дилеми. Кога почнав да работам, сфатив дека многу одлуки ми беа интуитивно јасни. Токму затоа што со години се таложеле во мене, преку нејзиното сурово претставување на реалноста.“
И тука се крие една од најсилните работи во нивната приказна. Клара не го наследила само името.
Го наследила искуството – но својот пат допрва го гради.
Подарок или притисок?
Дваесет години успешен бренд зад себе носат нешто што не се гледа на фотографиите, ревиите и гламурозните моменти. Одговорност. Затоа неизбежно се поставува прашањето: дали наследството е подарок или притисок?
Тања нема дилема.
Подарок. Ако е притисок, тогаш веројатно нешто не сме направиле како што треба.“
Клара ја гледа работата малку поинаку.
Не е притисок од мајка ми. Притисокот е од тоа што знаеш каков стандард треба да задржиш.“
И токму тука разговорот станува особено интересен. Зашто стандардот што треба да се задржи не е само прашање на деловен успех. Тоа е прашање на идентитет.
Како да продолжите нешто што не сте го создале, а притоа да не станете негова копија? Како да почитувате историја, без да живеете во неа? И како да внесете ново време, без да го избришете потписот што брендот го градел две децении?
Мајка или ќерка – кој е поголем перфекционист?
На ова прашање, одговорот доаѓа речиси без размислување.
„Јас“, вели Тања.
„Без конкуренција“, додава Клара.
Следува смеа.
Но зад шегата стои нешто многу сериозно.
Не мислам дека сум перфекционист затоа што сакам сè да биде совршено. Перфекционист сум затоа што знам колку еден мал детаљ може да ја промени целата приказна“, објаснува Тања.
Клара веднаш има пример.
„И затоа понекогаш поместува копче еден милиметар… трипати.“
Поврзани објави
„Не трипати. Двапати“, ја коригира Тања.
„Ете. Тоа ти е одговорот“, се смее Клара.
Но, очигледно, ни Клара не е имуна на истиот синдром.
„Вчера и ти поместуваше еден детаљ шестпати“, потсетува Тања.
Мајка и ќерка се смеат.
А во таа кратка размена можеби се крие целата нивна деловна динамика: различни, тврдоглави на свој начин и еднакво посветени на деталите.
Каде почнува несогласувањето? Кај модата.
Ако постои тема на која не се согласуваат целосно, тогаш тоа е прашањето – кому му припаѓа модата? Тања верува во став. Во препознатливост. Во бренд кој не се обидува да им се допадне на сите.
Отсекогаш сум верувала дека брендот не смее да се обидува да им се допадне на сите. Ако им се допаѓаш на сите, веројатно не си кажал ништо свое.“
Клара, пак, не сака автентичноста да значи затворен круг.
Јас не мислам дека тоа е компромис. Денес можеш да бидеш свој, а сепак да разговараш со многу повеќе луѓе. Мистиката не мора секогаш да значи дистанца. Ако не го разбираш времето во кое живееш, ризикуваш да останеш само носталгија.“
Тања не попушта.
Можеби. Но јас сè уште мислам дека брендот треба прво да има став, па дури потоа публика.“
А Клара го заокружува своето гледиште со реченица која звучи речиси како манифест за новата генерација:
А јас мислам дека добриот бренд не е монолог. Тој знае и да слуша, без да заборави кој е.“
Две реченици. Две генерации. Една голема дилема со која се соочува секој бренд што сака да трае.
20 години подоцна, што ја движи Тања?
На прашањето која била најголемата инспирација зад создавањето на KOKEV, Тања прави мала корекција. Не го сака зборот „инспирација“.
Искрено, никогаш не сум го сакала зборот „инспирација“. Звучи како нешто што ќе ти се случи. Јас повеќе верувам во љубопитност.“
И можеби токму тука лежи дел од одговорот како еден бренд успева да трае две децении. Не во една голема идеја. Туку во постојаното поставување нови прашања.
KOKEV не го создадов затоа што имав голема идеја. Го создадов затоа што не сакав да прифатам дека работите мора да изгледаат онака како што веќе изгледаа. Денес љубопитноста е иста. Само прашањата се поголеми.“
Тоа е можеби најточната дефиниција за бренд кој не сака да се повторува.
А што ја инспирира Клара?
Кај Клара, инспирацијата не доаѓа нужно од модата. Таа ја бара насекаде околу себе. Во културата. Во архитектурата. Во луѓето. Во разговорите. Во секојдневните детали што лесно можат да поминат незабележано.
Кај мене инспирацијата нема голема врска со модата. Повеќе со културата. Некогаш една прошетка, една зграда или еден разговор ќе ми отворат повеќе идеи отколку десет модни ревии.“
А потоа доаѓа реченицата која можеби најдобро го опишува нејзиниот однос кон дизајнот:
Мислам дека модата е најинтересна кога престанува да зборува само за облека.“
Една приказна, две раце на воланот
По 20 години KOKEV, приказната повеќе не е само за тоа како Тања создала бренд. Сега станува збор за нешто многу посложено и повозбудливо:
како една успешна приказна се менува кога во неа влегува нова генерација.
Клара не доаѓа за да ја избрише естетиката на KOKEV. Ниту Тања има намера да се повлече за да ѝ го препушти патот. Наместо тоа, пред нас се две жени кои седат една до друга и го прават она што секој вистински креативен бренд мора да го прави за да преживее – разговараат, се спротивставуваат, се слушаат и повторно создаваат.
Можеби затоа оваа годишнина е повеќе од прослава на 20 години. Таа е доказ дека наследството не мора да биде товар. Може да биде почетна точка. А кога наследството ќе биде проследено со љубопитност, храброст и слобода на следната генерација да каже нешто свое – тогаш брендот не старее.
Расте.
И токму затоа приказната за KOKEV, по две децении, можеби не е ниту приближно завршена.
Најинтересното поглавје допрва се пишува.
Текст: Убавина и здравје
ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ