Институтот за економски истражувања и политики, Фајнанс Тинк, денес објави дека зголемувањето во вториот квартал од годинава бележи мало подобрување, но не резултираше со новоотворени работни позиции.
Според Finance Think, се очекува економскиот моментум од вториот квартал да продолжи и во следниот период од годината. Тие остануваат на нивната предвидување за реален раст на БДП во 2025 година од 3,5 проценти, додека проектираниот раст на цените е корегиран на 3,7 проценти (од претходните 3,1 процент).
“Во вториот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3,4 проценти на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали. Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3,5 проценти за целата 2025 година”, се вели во извештајот.
Забрзувањето е главно предизвикано од растот на личната потрошувачка (3 проценти), што продолжи да го одразува позитивниот реален раст на платите, зголемувањето на пензиите и другите приходи, како и засилената кредитна поддршка на домаќинствата. Од друга страна, јавната потрошувачка (-1 процент) забележа пад по интензивирањето во текот на 2024 година, се наведува во Макро-мониторот 14(2) на Finance Think за вториот квартал од 2025 година.
Растот на бруто инвестициите (6 проценти), како што истакнува Finance Think, останува високо променлив, додека извозот (9,1 процент) и увозот (8 проценти) се опоравија по подолг период на стагнација и падови, но нестабилноста сè уште ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и царинската политика на САД.
На производствената страна, порастот во овој период е на широка основа, исто како и претходно, со мали подобрувања во земјоделството (1,8 проценти) и индустријата (3,9 проценти), а динамиката во градежништвото (7,3 проценти) и услугите (2,7 проценти) останува стабилна.
Како што наведува Институтот, невработеноста во вториот квартал од 2025 година дополнително се намали на 11,5 проценти (од 11,7 проценти). Сепак, се потенцира дека во овој квартал се намалила и активноста на населението (52,2 проценти од 52,4 проценти), што резултирало со намалување на вработеноста на 46,2 проценти (од 46,3 проценти).
“Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност”, објаснуваат од Finance Think.
Во вториот квартал од 2025 година, инфлацијата малку се намали на 3,8 проценти на годишна основа (од 4,2 проценти), но, како што истакнува Институтот, таа сè уште е на високо ниво. “Опстојувањето е сé повеќе сврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4,9 проценти). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна. Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација.”
Finance Think останува на проектираниот реален раст на БДП во 2025 година од 3,5 проценти, додека предвидениот раст на цените е корегиран на 3,7 проценти (од 3,1 процент), наведуваат од Finance Think.
лв/фото: МИА архива
Извор: МИА