Денеска, преку поставување на камен-темелник, официјално започна реализацијата на инвестицијата на турската компанија „Шахтерм“, која се занимава со изработка на грејачи и отпорници за апарати за домаќинство и бела техника, во рамките на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави: „Инвестицијата во почетната фаза ќе достигне 25 милиони евра и ќе отвори 200 нови работни позиции, додека според планот, во втората фаза вкупната вредност на инвестицијата ќе изнесува 50 милиони евра, а бројот на вработени се очекува да надмине 500.“
Тој нагласи дека овој проект придонесува за развојот на економијата, ја зацврстува стабилноста и прогресот на државата, а исто така ќе го засили македонското стопанство и извозот. Премиерот исто така истакна дека најновите економски индикатори се охрабрувачки. „Индустриското производство во март 2025 година бележи пораст од 5,2 проценти на годишно ниво, споредено со март 2024 година.“
„Странските директни инвестиции за 2024 година достигнаа 1,255 милијарди евра, што ја позиционира Македонија како земја со најголем обем на странски инвестиции по глава на жител во Европа.“ Според премиерот, инфлацијата во март е под 3 проценти, односно 2,7 проценти, додека во април изнесува 2,6 проценти на годишно ниво.
„Платтите бележат пораст од 9 до 10 проценти на годишно ниво, што е показател дека се бориме против сиромаштијата и се стремиме кон подобрување на животниот стандард на нашите граѓани.“ Мицкоски додаде дека во првиот квартал од 2025 година, кредитната активност на компаниите и граѓаните е зголемена за 13 проценти, што е 6 пати повеќе од просекот во Европската Унија. „Со овие економски параметри, Македонија е на прав пат да стане една од економиите со најбрз раст во Европа“, заклучи Мицкоски.
Инвестицијата подразбира изградба на објект со површина од над 13.000 квадратни метри, кој ќе вклучува и центар за истражување и развој, и ќе претставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од границите на Турција.
Турскиот амбасадор Фатих Улусој изрази задоволство од започнувањето на инвестицијата на „Шахтерм“, компанија која произведува грејачи и отпорници за водечките светски брендови на бела техника и електрични апарати. Тој нагласи дека турските компании играат важна улога во економскиот развој на земјата, обезбедувајќи вработување за 10 илјади луѓе во државата. „И ние ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во оваа земја и ќе продолжиме да го правиме тоа.“
„Компанијата Шахтерм, на чија фабрика денес ги поставуваме темелите, ќе го заземе своето место меѓу компаниите кои гордо ја претставуваат нашата земја во Северна Македонија и ќе го зголеми придонесот на нашите компании за економијата на Северна Македонија“, рече Улусој. Тој додаде дека постои заедничка желба трговската размена, која е блиску до 1 милијарда долари, да се зголеми на 2 милијарди долари.
Се очекува што поскоро да започнат преговорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија од 1999 година, за кој се верува дека ќе помогне за постигнување на оваа цел. „Минатиот декември го одржавме бизнис форумот помеѓу Туркије-Северна Македонија со учество на нашиот министер за трговија, а вчера го одржавме 9-тиот Балкански економски самит со присуство на заменик-премиерот. Веруваме дека овие настани ќе придонесат за понатамошно унапредување на економската и трговската соработка меѓу нашите земји.“
„Со многуте компании и организации кои работат во земјата, особено во банкарството, образование, култура, здравство, одбранбена индустрија, индустриско производство, обновливи извори на енергија, туризам, градежништво, земјоделство, текстил и конфекција, преработувачка индустрија, малопродажба како и во многу области Туркије непрекинато ги продолжува своите економски врски и инвестиции со Северна Македонија“, рече турскиот амбасадор.
Фарук Шахин, претседател и основач на Шахтерм, ја претстави компанијата, истакнувајќи дека 60 отсто од своето производство го извезува. Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајнот и производството на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство.
„Шахтерм“ во моментов е меѓу петте водечки компании во оваа дејност на глобално ниво, а повеќе од половина од годишното производство е наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство, како што се „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.