Почетна ЕкономијаДимитриеска – Кочоска: Инфлацијата е европски, а не само македонски проблем – нема магично решение

Димитриеска – Кочоска: Инфлацијата е европски, а не само македонски проблем – нема магично решение

од nenad
4 минути читај за

Инфлацијата не е проблем само во нашата земја, туку претставува предизвик низ цела Европа. „Ова е резултат на пост-ковид пандемијата, меѓутоа не е само резултат на тоа, туку на недостигот на работна сила на секоја една земја членка од Унијата,“ изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според неа, постои природен притисок, посебно во приватниот сектор каде што просечната плата бележи раст. „Ние во Македонија имаме раст на просечната плата за една година 10,1 процент, а инфлацијата во последниот месец е 4,8 проценти, што значи животниот стандард не е подјаден, напротив имаме поголем раст на платите, отколку што е растот на инфлацијата,“ истакна министерката, гостувајќи во Тема на денот на Сител телевизија.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека „нема магично стапче кога станува збор за инфлацијата“ и дека овој проблем бара суштински реформи. Таа додаде дека државата може да примени мерки како замрзнување на цените или маржите на краток рок, но долгорочно се потребни поголеми реформи во производството на храна и начинот на субвенционирање на земјоделството.

„Најголемиот раст го има кај зеленчукот и овошјето и тоа не е случајно, најпрво, затоа што имавме таква пролет каква што имавме и немаме доволно производство. Ни требаат повеќе инвестиции во делот на земјоделството кои што ќе го заштитат производството од ран мраз, суша, град и тн. Има такви инвестиции кои што се познати во соседните земји треба само да пристапиме кон тоа, но тоа не дава резултати преку ноќ. Во исто време, треба да поддржуваме отворање на нови производствени капацитети, бидејќи инфлацијата ние најмногу таму ја чувствуваме, како и во угостителството, кое што од друга страна се поврзува со растот на просечната плата, а тоа е нешто што ќе трае поради недостигот на квалификувана работна сила која што ќе прави притисок понатаму на инфлацијата,“ објасни Димитриеска-Кочоска.

Владата подготвува мерки, но тие ќе бидат краткорочни, додека на државата ѝ е потребно долгорочно решение. На прашањето за олеснувања на ДДВ за основни прехранбени производи, министерката одговори дека се анализираат таквите можности, но базичната инфлација ги прави притисоците. Таа нагласи дека „угостителските услуги растат како резултат на растот на просечната плата, значи треба да се направат анализите каде сѐ имаме најголеми придвижувања на инфлацијата, а потоа да носиме одлуки дали и колку ќе треба да се коригира ДДВ-то“.

Во однос на евентуалното зголемување на минималната плата, министерката рече дека разговорите се водат во рамки на Социоекономскиот совет, каде што одлуката треба да произлезе од договор меѓу работодавачите и синдикатите. „Зошто не се мешаме? Затоа што двете страни треба да се договорат – едните треба да плаќаат, другите да примаат пари. Ние оставаме работодавачите и работниците сами да се договорат. Колку ќе договорат тие, ние толку ќе го прифатиме како процент, апсолутен износ,“ изјави таа, додавајќи дека зголемувањето на минималната плата би резултирало со повисоки приходи во државниот буџет.

За реконструкцијата на железничката пруга Скопје–Кичево, Димитриеска-Кочоска изјави дека е рано да се зборува за финансиската конструкција, бидејќи се чека физибилити студијата. За постапката за враќање на средствата на компаниите кои го платија солидарниот данок, министерката рече дека процесот е во тек. „Компаниите веќе праќаат кон нас дописи со кои не информираат. Мислам дека до 10 септември треба да ги прибереме сите понуди, потоа ќе ја информираме Владата и понатаму ќе си почне постапката,“ изјави таа.

Претходно, таа се осврна на Меморандумот за соработка на Македонија со седум земји членки на Европската унија, нагласувајќи дека се работи за најголемиот исчекор направен од Министерството за финансии кон приватниот сектор. „Суштината на овој меморандум за соработка е да се формира една берза на која што ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност, не значи тоа да бидат само акции туку да бидат и обврзници. Ова е голема можност за македонските компании кои што имаат потреба од финансиски средства, а притоа многу потешко можат да ги убедат банките за поддршка. Одлична можност за македонските компании да можат да издаваат било да е обврзници или акции, во исто време го прошируваме пазарот така што наместо само македонските граѓани да можат да ги купуваат овие хартии од вредност, ќе можат и граѓаните на седумте земји членки,“ рече министерката. Таа додаде дека е горда што Македонија е дел од оваа иницијатива, бидејќи таа е насочена кон тоа да им помогне на компаниите полесно да дојдат до финансиски средства и да создадеме подинамичен пазар на капитал.

Фото: Принтскрин