Почетна ЕкономијаПрв млекомат за свежо млеко од манастир, со средства од Европската Унија

Прв млекомат за свежо млеко од манастир, со средства од Европската Унија

од nenad
1 минути читај за

Во срцето на Кичево, пуштен во употреба е првиот млекомат за непреработено млеко во нашата држава.

Овој проект е овозможен со финансиска поддршка од Европската Унија, преку проектот АгроСмарт, кој го имплементираат Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Хемера и ЦЕП Можности.

МРФП денес објави дека жителите на Кичево и неговата околина сега имаат современ начин да набават свежо кравјо млеко, произведено од Земјоделската задруга „Крнино“, составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.

„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, изјави Станоја Станојовски од Манастирот Света Богородица Пречиста, кој е дел од Земјоделската задруга Крнино.

Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, од друга страна, истакна дека млекоматот претставува пример за тоа како треба да се реализира модернизацијата на македонските фарми и да се унапредува продажбата на локалните земјоделски производи со помош на достапните средства од Европската Унија.

Како што информира МФРП, на настанот присуствуваше и Цветан Трипуновски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој изјави дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.

Во рамките на промоцијата, беше организирана и посета на фармата со крави во близина на манастирот Света Богородица Пречиста, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекара за производство на млечни производи.

лв/вј/фото: МРФП
Извор: МИА