Претседателот на владата, Христијан Мицкоски, соопшти дека успешно е заокружена почетната етапа од обновата на хидросистемот Ѓавато. Тој потенцираше дека овој систем, и покрај вложените над половина милион евра за електрична енергија, повеќе од четири години дејствувал со оштетени цевки и многу мал учинок.
“Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување. На првата шахта е монтирана една репарациона спојка, на втората шахта монтирани се две репарациони спојки, на делот каде што се спојува цевката Ф273 со Ф914 – извршено е заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското Езеро,” објави премиерот преку својот фејсбук профил.
Во текот на втората фаза, како што изјави тој, Владата ќе гарантира најмалку уште две бунарски пумпи со цел да се зголеми капацитетот, а ФОД при ЕСМ ќе има обврска да ги поправи потисните пумпи.
Во последната, трета фаза, планирано е да се постават соларни панели со батериски системи за самостојно генерирање на електрична енергија, што значително ќе ги намали трошоците за струја кои изнесуваат 2,5 милиони евра на годишно ниво.
ар/вј/Фото:МИА архива и Фејсбук профил Христијан Мицкоски .