Со цел да се редуцира рекордно високото ниво на државниот долг на Франција, премиерот Франсоа Бајру го претстави својот план, кој опфаќа укинување на два неработни дена, редукција на бројот на државни службеници и консолидирање на државните институции.
Понатаму, јавните трошоци, меѓу кои и пензиските надоместоци и социјалната помош, треба да бидат замрзнати на тековното годишно ниво за следната година, изјави Бајру во вторникот во Париз. Исклучок ќе биде буџетот за одбрана, кој е предвидено да се зголеми за милијарди.
Бајру предложи дерегулација на два државни празници, наведувајќи ги како пример “Велигденски понеделник” и 8 мај, додавајќи дека е отворен за прифаќање или разгледување и на други предлози, пренесоа француските медиуми.
„Велигденски понеделник нема религиозно значење”, изјави Бајру при презентирањето на предлог-буџетот за 2026 година, објави “Ле Фигаро”.
Празникот 8 мај ја одбележува годишнината од победата на сојузниците во Втората светска војна во 1945 година, и беше национален празник од 1953 до 1959 година, пред повторно да биде воведен како државен празник од претседателот Франсоа Митеран во 1981 година.
„Ова се само предлози, подготвен сум да прифатам или разгледам други предлози”, рече Бајру.
Здравствениот систем, исто така, треба да стане поефикасен, а ќе се преземат и мерки против неоправдано отсуство од работа.
Сите овие мерки заедно треба да доведат до заштеда од 43,8 милијарди евра (51,1 милијарди долари) во буџетот за 2026 година, рече Бајру.
Франција мора да го успори растот на оптоварувањето на јавниот долг и да ја подобри својата продуктивност, во спротивно постои опасност од криза на суверен долг како онаа во Грција, предупреди тој при презентирањето на неговиот план за буџетот за 2026 година.
„Јавниот долг се искачи на 114 посто од БДП”, потенцираше премиерот, додавајќи дека „ова ја прави Франција една од најлошите земји во еврозоната”.
Дефицитот во буџетот треба да се намали од очекуваните 5,4 проценти во тековната година на 4,6 проценти во 2026 година, а потоа постепено на 2,8 отсто до 2029 година, со што ќе се врати под европската граница од три проценти.
Бајру истакна дека неговата централно-десничарска влада презема голем ризик со презентираните мерки за штедење, бидејќи нема сопствено мнозинство и зависи од поддршката на опозицијата. Сепак, тој рече дека владата мора да се обиде да ја избави државата од тешката должничка состојба.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен се закани дека доколку владата не ги ревидира своите планови, нејзината пратеничка група ќе гласа против неа при евентуално гласање за доверба.
„Оваа влада преферира да го напаѓа францускиот народ, работниците и пензионерите, наместо да се справи со трошењето”, изјави таа на “Екс”.
„Ако Франсоа Бајру не ги промени своите планови, ние ќе гласаме за недоверба против него”, додаде лидерката на Националното собрание.
Левичарските сили, исто така, ги осудија плановите на владата.
„Ова не е план за закрепнување, ова е план за уништување на францускиот социјален модел”, рече Оливие Форе, лидер на француските социјалисти, чија партија ѝ помогна на владата да го усвои буџетот за оваа година.
мс/фото: ЕПА