Иницијативата „Сапорт Кочани“ ја оствари донацијата за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, наменета за оние кои настрадаа во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година.
Според известувањето од „Сапорт Кочани“, донацијата е официјализирана со заверка на договор за донација и ги опфаќа следниве материјали: 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, четири пакувања аминокиселини и четири пакувања протеини.
Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари и е комплетно обезбедена преку прилози од добронамерни граѓани и компании кои континуирано ја помагаат иницијативата „Сапорт Кочани“.
„Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на заздравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација“, информираат од „Сапорт Кочани“.
Медицинската опрема и суплементи се веќе испорачани на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, каде интензивно се користат во лекувањето на повредените. Во текот на посетата, тимот на „Сапорт Кочани“ ги посети и пациентите кои сè уште се наоѓаат на болничко лекување на Клиниката и лично им даде поддршка и им посака побрзо оздравување.
„Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна“, нагласуваат од „Сапорт Кочани“.
Од иницијативата потенцираат дека остануваат приврзани кон „транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица“.
хс/вг/Фото: „Сапорт Кочани“.