Рестрикцијата за проаѓање во шумите е продолжена до 30 септември, извести попладнево Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За непочитување на оваа мерка, предвидена е казна од 1,500 до 2,000 евра во денарска вредност.
Министерството апелира до жителите на зголемена внимателност со цел да се превенираат пожари на отворен простор.
Тие наведуваат дека и во претстојниот период опасноста од појава на пожари на отворено не е намалена и дека населението треба да биде посебно внимателно бидејќи, поради високите температури, можноста за настанување пожари на отворен простор сѐ уште е висока.
“Од суштинско значење е јавноста да ги разбере опасностите, како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесе кон заштита и зачувување на шумите, односно животната средина, имотите и заедниците во целина”, велат од ресорното Министерство.
Според утринските информации на Центарот за управување со кризи, забележани се вкупно 18 пожари на отворен простор од кои 13 се згаснати.
Во моментов, активни се два пожари, а три се под надзор.