Од основањето па во текот на следните десет години, „Пијанофорте“ функционираше како училиште за пијано и произведе неколку музички едуцирани генерации
Пред четврт век, есента во 2000та година, во Скопје започна приказната на „Пијанофорте“, едно од првите приватни училишта за музика. Идејата и визијата за овој проект ја реализираше г-ѓа Виолета Стефановска-Шуковиќ, пијанист, професор по пијано со долгогодишно педагошко искуство, член на многубројни меѓународни асоцијации и комисии. Таа по неколку години приватен и професионален престој во Австралија имаше полет да примени нови сознанија и технологии од полето на музичката педагогија.
Под мотото „Секој може, само ако сака“ таа во пракса започна да ги спроведува најновите трендови во поглед на просторните, кадровските и програмските параметри на музичко образование.
Од основањето па во текот на следните десет години, „Пијанофорте“ функционираше како училиште за пијано и произведе неколку музички едуцирани генерации.
Десет години подоцна, на Виолета ѝ се придружува г-ѓа Марина Чадо, виолинист, професор по виолина, креатор на наставната програма за нижо музичко образование во Република Словенија. Таа по долгогодишен престој во Словенија и спроведени успешни проекти на државно ниво, одлучи да се врати во Македонија и да ги донесе успешно докажаните искуства во своето педагошко работење.
Од тој момент се прошири платформата на дејствување на „Пијанофорте“, па од училиште за пијано прерасна во училиште за многу инструменти. Исто така, целната група „деца и младинци“ се прошири на сите генерации што сакаат да научат да свират инструмент.
Така почна да се зголемува и училишниот тим, кој во своите редови почна да брои квалитетни и докажани музичари кои имаат желба да го пренесат своето знаење на нови генерации, но и да одат во чекор со времето усвојувајќи напредни методи и нови ефикасни програми за подучување.
Поврзани објави
Во сите изминати години, „Пијанофорте“ им даде музичко образование на стотици ученици кои научија дека и на поимот „хоби“ може да му претходи придавката „професионално“. Па така, без претенциозност дека учењето музика е наменето единствено за оние на кои тоа ќе им биде професија, многу млади луѓе постигнаа неверојатни успеси во текот на своето музичко школување. Доказ за тоа се огромниот број високи награди на престижни меѓународни натпревари. А меѓу нивните редови „случајно“ беа откриени и посебно надарени деца на кои музиката им стана или ќе им стане професија.
Во меѓувреме, тимот на училиштето предводено од своите основачи, постојано го осовременува работењето и ги следи глобалните трендови во музичката наобразба, организира едукациски посети од страна на врвни професионалци, се доусовршува и го надградува своето знаење и паралелно го имплементира во секојдневното работење.
Паралелно со тоа, „Пијанофорте“ организира активности преку широка меѓународна соработка, при што се формираат камерни состави со претставници од повеќе држави, па со тоа наставниот кадар под закрилата на училиштето ја збогатува својата концертна дејност.
Оваа година „Пијанофорте“ ќе го прослави својот 25ти роденден со два концерта. Едниот, насловен како „Европски музички диверзитет“ ќе се случи оваа пролет во Скопје во соработка со колеги изведувачи од Р. Словенија, а вториот концерт ќе се реализира наесен во Истанбул, Р. Турција и е насловен како „Заедно за младите“. Концертите со својата содржина и изведувачки состав симболично пренесуваат повеќе јубилејни датуми поврзани со живописот на композиторите, како и нивниот заеднички раст во животот и кариерата . Имено, така е изградена и приказната на „Пијанофорте“, а музичарите најдобро раскажуваат преку концертирање.
За повеќе инфо: