Почетна Убавина и здравјеУспеваме затоа што собираме сено во 3 на пладне! – Убавина и здравје

Успеваме затоа што собираме сено во 3 на пладне! – Убавина и здравје

од nenad
6 минути читај за

          Среде јули на „300“ степени, арно дувна ветре. Не разлади, но барем го размрда знамето и мене во мислите да се потсетам како „азното само си дојде“. И така, си седам и си велам: кој како сака нека сфати, мое е да си кажам. Кажан грев не е грев, така велеше баба ми. И не би бил интересен муабетот ако по лична карта бев родум од Дебар Маало, тогаш ќе вртев други шеми или што би рекле мештаните на големиот град ќе бев „Пеер Браат, шо збориш…“. И таа навика ќе останеше за цел живот. И на 30 и на 40… ќе мњацкав лажиче од еспресо платено со парите од моите и со Пеер Брат ќе зборевме као овие провинцијалциве ни се накотија у град, ни земаа работа, све за нив има….

И ајде, уште на почеток да расчистиме, и кај нас етикетираните Провинцијалци има Пеер Брат = Дека си бе (исток) Дек си ти (југо-исток) и така натаму, а го има и обратното. Обратното е тоа што, да појасниме за да бидеме на чисто, и меѓу Пеер брат има дечки што „собирале сено во 3 на пладне“…

Здраво, здраво, здраво! Јас сум Провинцијалецот. Ме има секаде, каде и да се свртиш. Не затоа што Македонија, Европа, па и светот се мали, туку нас секаде нè има. Од овој момент па натаму, секоја среда ќе нè има и тука, поконкретно мене на www.ubavinaizdravje.mk.

Се приспособив на новото време, но останав по терк на традицијата, во случајот новинарската. И ајде, повторно да појасниме за „урбаните“ ликови, та машки, та женски. Новото време е што премиерно ќе ме има на ubavinaizdravje.mk, а теркот е тоа што колумна се пишува во колони, па читајте замислувајќи ја како таква, бидејќи техникалиите не овозможуваат колумнист да се изрази во колони. КОЛУМНА: Од ист новинар периодично, во весник или списание објавена статија во која се изразува лично мислење.

Провинцијалецот: Успеваме затоа што собираме сено во 3 на пладне!

          Успеваат Провинцијалците затоа што влечевме куфери од 50 кила и на плус 40 и на минус 30 за да дојдеме да учиме, само Скопје го има тоа, а и за вработување. Како да одиме во Америка, после се празнела државата… И ај што тегнеш, влечеш куфери, па имаш и кутии од „Црвен крст“. Мајка ти ти напукала во картонска кутија сè што имало или немало дома од зимница (за тоа потаму во КОЛУМНИТЕ НА ПРОВИНЦИЈАЛЕЦОТ).

Често ќе се скрши куфер, картонот и врвките ќе попуштат. Рацете не носат, носиш товар потежок од што си, а кај е ранецот со лаптоп? И да не заборавам, тоа го правиш во 4 наутро, та лето било, та зима било. Во лето предност е што немаш капут на тебе, а во зима и тој тежи. Патуваш секој викенд или на две недели, живееш во студентски во кој нема ни тоалет во соба, а не машина за перење алишта… Во зима на минус 30 во 4 наутро чекаш автобус за да тргнеш за Скопје… од мака го правев тоа. И ајде по некој саат ќе стигнев во градот на градовите во нашата земја. Ќе ме истовареше автобусот на булеварот и така тргни застани, поноси па остави ќе стигнев во студентскиот дом.

Кога живеев во мојата ПРОВИНЦИЈА си ги замислував т.е. очекував дека кога ќе се сместам во еден од студентските во метрополата ќе биде накако како во филмовите. Биро, столче, зелена ламба, полици со книги во читалните. Удобен кревет, уреден тоалет, менза… Да скратам, кога влегов во студентски навистина беше како во филм, но со хорор-жанр. И така со кутии, ранци, куфери ќе стигнев во собата 4 на 4 во која живеевме четиримина. Собата грч ладна ако е зима, цимерите спијат со јакна и капа. Ова не е хипербола, жива вистина е, само тој што почувствувал на своја кожа знае. Влегуваш на прсти да не ги разбудиш, ама сакал не сакал ќе тропнеш негде… Влегуваш да се тушираш со вода поладна од онаа во водите на реките за Водици и така некако вадиш облека од куферот и трчаш да фатиш автобус за стигнеш на предавање. Мајка ти џабе пеглала. Облеката… Се мачиш сам да се испеглаш, средиш… Трчаш да фатиш автобус и некако успеваш да стигнеш во 7 на предавање. Ако е лето олеснително е што никој не спие, надвор е поладно отколку на 10-ти кат, водата е одлично ладно-топла на времето…

Поврзани објави

Кога сме кај жешкото, и додека на предавање кое трае цел ден и цела ноќ доколку студираш медицина, градежен, машински, кожата на грбот под кошулата те пржи и пржи, а прстите на раката кога ќе го земеш пенкалото да фатиш некоја белешка ти се кочат како пресечени од манилите, некој Пеер брат уште легачи и се тегне… Уште па и е лут ако мајка му не му остаила 100-че, во денешно време 1.000-че за У    град.

За „градските фраери/ки“, манили се пластичните врвки со кои се врзуваат балите од сеното. Како жилети можат да ги исечат дланките, жуљаат – што би рекле некои, а балите тешки и по 50 килограми. Секоја една ја креваш и по 10 пати на ден, а во денот ги има и до 150 комада. Ти, татко ти и брат ти… Ќе ги направиш на неколку купови на ливадата. Една по една ќе ги товариш на приколката од тракрот, ќе ги транспортираш и пак истото во обратен правец за да ги складираш. Цело лето така…

Друг Провинцијалец, станува или можеби уше не е ниту легнат и во 4 е на нива да копа, бере… тутун, домати, пиперки за кои ти Пеер брату ќе речеш: Шо се олку скупи брат, не може чоек да се храни здраво, само шо почнав у теретана. Теретана.. ќе си дојдеш на сено, тутун копање, берење… Кога сме кај сеното и азното, надвор 50 степени на сонце, пот тече како да си под туш. Плевата, онаа ситната прав од сеното (исушена трева на ливада) лета на сите страни. Се лепи на тебе. Трњата ти ги параат прстите, но кој те прашува. Нема застој, работата мора да тече. Ако па и си одел по балирачка (машина што го компресира сеното, ги прави балите) е тогаш не да учиш туку што викаше, да ја спомнам пак баба ми, и оро ќе играш. Кога ќе ја поминеш таа психо-физичка теретана не само што ќе сакаш да учиш, туку ќе сакаш и да научиш. Ќе почнеш да се градиш во човек. Тука е редот, дисциплината, почитта, одговорноста… Не е лесно, знам, најлесно е да се откажеш.

И пред да првршиме, ајде да се вратиме на почетокот, како рековме, и меѓу Провинцијалците има Пеер брат. Цело лето ќе си легачи, а цела зима па и на старост ќе си кука, та во ПРОВИНЦИЈАТА та во МЕТРОПОЛАТА. Но да не ги заборавиме и „урбаните“ Пеер брат ликови.

И додека јас и моите Провинцијалци вака некако си го врвевме студирањето, тие си бракаа шема. Мамичка, кафенце, девојчиња/момчиња, бренд-патика и моторче… И после „азното само си дојде“ кај Провинцијалецот…

Можеби малку хаотично ви се виде, но за вовед на нашата дружба тука на ubavinaizdravje.mk е доволно до наредната среда. Тогаш провинцијалецот ќе ви раскаже за првите авантури на ескалатор и возењето во градски автобус низ Скопје. Дотогаш – или собирајте сено или џвакајте лажичка од еспресце.

Пишува: Провинцијалецот

Фото: pexels