Тирана ќе биде домаќин на првиот инвестициски форум ЕУ-Западен Балкан, поддржан од Европската комисија, закажан за 13 и 14 октомври.
Овој собир е насочен кон јакнење на економската соработка и инвестициските потенцијали помеѓу државите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) и членките на Европската Унија (ЕУ).
„Одржувањето на Форумот претставува стратешки момент во економската интеграција на регионот со Европската Унија. Тој нуди можности за привлекување странски директни инвестиции, поттикнување на иновациите и забрзување на економската интеграција на Западен Балкан, со што се промовира одржлив економски развој во регионот“, објавија медиумите.
Поддржан од Европската комисија, овој самит претставува дел од пошироката стратегија на ЕУ за унапредување на регионалната интеграција и социо-економската конвергенција, со што се стимулира одржлив економски напредок во целиот регион. Овој инвестициски собир претставува важна платформа за зајакнување на економската соработка, привлекување на странски инвестиции и забрзување на интеграцијата на економиите на Западен Балкан во единствениот европски пазар, од што ќе имаат бенефит земјите од Западен Балкан, земјите членки на ЕУ и европските компании.
Преку поттикнување на дијалог помеѓу инвеститори, креатори на политики и бизнис лидери, овој форум во Тирана ќе ги претстави клучните инвестициски можности кои можат да го забрзаат растот, да ја продлабочат интеграцијата на пазарот и да ја обезбедат иднината на Европа како конкурентен, отпорен и обединет блок. Исто така, ќе се дискутира за критичните предизвици, како што се регулаторните пречки, ограничувањата во финансирањето и геополитичките неизвесности, кои можат да влијаат врз регионалниот економски развој.
вт/Фото: МИА архива.
Извор: МИА