Малото животно било пронајдено веднаш по раѓањето на „Илинденска“, а покрај него биле кобилата и уште еден коњ.
Необична и потресна глетка ја затекнала скопјанката Билјана Николовска додека утринава се движела по улицата „Илинденска“. На коловозот лежело штотуку родено ждребе, додека во негова близина се наоѓале кобилата и уште еден коњ.
Според нејзиното сведоштво, малото животно било непосредно по раѓањето, а покрај него се наоѓала и плацентата. Наместо да продолжи по улицата, Николовска застанала и се обидела да му помогне на ждребето, кое се наоѓало на опасно место.
Таа успеала да го извлече од коловозот и да го премести на тревната површина покрај патот. Во својата објава, сепак, изразила револт поради реакцијата на дел од луѓето кои, како што тврди, застанувале да снимаат со телефоните, наместо да помогнат.
Никој да застане да помогне. Застанав, едвај го извлеков на тревата покрај патот, а идиотите подзастануваа и со мобилните снимаат“, напишала Николовска.
Таа додава дека побарала помош, но според нејзиното сведоштво, не добила поддршка од присутните. Фотографијата што ја објавила го покажува ждребето на тревата покрај кобилата, во моментите непосредно по неговото раѓање.
Засега не е познато на кого му припаѓаат коњите, ниту како кобилата се нашла на улицата во моментот кога се породила. Останува нејасно и дали надлежните служби биле повикани за да се погрижат за животните.
Фото: принтскрин Фејсбук