Почетна ЕкономијаАнгелов: Уште тројца пилоти ќе се обучуваат за ертрактори во ноември

Ангелов: Уште тројца пилоти ќе се обучуваат за ертрактори во ноември

од nenad
2 минути читај за

Три авиони за гаснење пожари и тројца пилоти ќе бидат подготвени и оперативни за претстојното лето за интервенирање во случај на пожари.

Дополнително, во текот на ноември оваа година, уште тројца пилоти за овие воздухоплови ќе бидат испратени на обука, најави првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Пет до шест кандидати покажале интерес да станат пилоти на овие авиони, и со нив ќе бидат спроведени дополнителни разговори. “Во наредниот период ќе се состанам внимателно со сите нив, се работи за искусни луѓе, и би рекол дека имаат потенцијал лесно да ја завршат обуката”, истакна Ангелов во интервју за ТВ Канал 5.

Според него, заинтересираноста за оваа работна позиција во ДЗС се зголемила благодарение на повисоките плати во авиоодделението на Дирекцијата. “Кога дојдов на позицијата директор на ДЗС првата работа што ја направив, побарав двојно зголемување на платата на сите вработени во авиоделението. Кога зборувам „сите“, мислам на 12 лица, да не мислите дека таму има 100 луѓе и нивната плата е двојно зголемена. Двојно е зголемена платата и на единствениот пилот на ертрактор, професионално вработен во Дирекцијата, и сега тој е изедначен со платите на пилотите на хеликоптери во полицијата и во армијата”, појасни Ангелов.

Ангелов, кој исто така е и претседател на Достоинство, во врска со законот за бранители рече дека отворањето на прашањето за бранителите во моментов би било од корист за ДУИ, односно за криминогените структури во партијата. “Наша цела како Влада и претходно како коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беше елиминација на криминогените структури во ДУИ, за кои што многу се зборуваше во јавноста. Овде не зборувам за целата партија, зборуваме за некои личности, за кои што има и отворени постапки, и во овој момент, нашата цела е да не се дозволи да воскреснат таквите криминогени структури. Затоа и ние треба да бидеме внимателни во овој период. Секое посегнување по оваа тема носи политичка корист на ДУИ”.

“Мојот став како политичар, како претседател на Достоинство, како неформален лидер на дел од македонските бранители, е да се стрпиме да завршат локалните избори”, истакна Ангелов и нагласи дека после изборите верува дека ќе има значајно поместување напред. Според Ангелов, законот кој беше предложен во времето на поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска не е добар бидејќи се однесува само за 15 семејства кои не биле обесштетени и дека потребно е со законот да ги опфати и неповредените бранители.