Кога последен пат јадевте домашна манџа, онаква каква што ја сервираат етно јутјуберите или кулинарските емисии со шмек на македонската традиција?
Сигурно одамна или скоро никогаш доколку живеете на една од фреквентните крстосници во градот на загадениот воздух во зима и екстремно пеколните лета иако почива распослан под Водно. Ние кои сме задоени со духот на провинцијата пишуваме друга приказна, така ни е судено од раѓање да се храниме здраво, сакал или не, бидејќи налага околината. Барем некогаш никој не форсираше дека е сто проценти здраво и еколошко, туку ни го даваа да го јадеме затоа што е без пари и го има колку ти душа сака. Со првите поладни денови и горењето на огнот во шпоретот куќата почнуваше да се претвора во лабораторија на мириси од разно разни сукани, месени и уште какви ли не домашни специјалитети.
Питата поубаво мириса кога е со брашно од нивата на дедо, а зељето од градината на мама. Некако како поубаво да зреат билките во провинцијата, сонцето со друга нежност ги гали, а стадата кои се напасуваат од нив како да даваат најубавото млеко за бело сирење и вкусно, кисело млеко. Кога живееш во стан од седумдесетина квадрати купен благодарение на инфлацијата по заслуга на дадо ти работите некако се други. Се раѓаш и растеш во едно ќоше, ушите ти се натопени со слоганите дека на пазарче е изгор скапо и питата од маалската пекарница е прсти да излижеш.
Кога ќе се сретнат некаде низ сокаците на градот на градовите две такви единки кои навидум се исти, но семето и почвата на која изртеле различни станува вистинска театар. Секој од страна режира, свекрвата командува, а „бабата“ заповеда што и како треба. И едниот и другиот претставник од посилниот пол немо следат и ја толкуваат улогата на потврдувачи, „да така е“, секој својата страна ја брани. И на крајот кога денот ќе заврши тие двајца кои остануваат во четири ѕида крчкаат во бура на прашалници кој е виновник, затоа што секој за себе мисли дека е правиот.
И додека провинцијалецот е научен да оди во градина и да си скине домат, пиперка или краставица, метрополката е учена баба и три пати да и довикне од кујна дека салатата е готова. Ниту таа ниту нејзините предци саделе семе во февруари, ниту расад барале од комшиката Наде, а камоли пак да копале и наводнувале зеленчук во градината. И сега и е тешко да оди да купи, а не пак да произведе. Сакал не сакал провинцијалецот ќе почне да шармира на свој начин. Кутиите од „Црвен крст“ ќе стигнат, мајка му наполнила што ти душа сака, само внучето, па и снаата да јадат здраво. Сакаш пет врсти џем од разни овошки кои веќе нема ни кој да ги собере, а не пак да оди да ги прска… Крушата мириса на круша, а вишната кисела и сочна како во бајките за деца. За тебе нема, ти си јадел како дете, ама затоа „баба ти“ кога и да ве посети е восхитена од тоа како правиш домашно, пратено од твоите, месо со сос од планински печурки.
Поврзани објави
Си мисли провинцијалецот дека се снашол и успеал да се адаптира на големо, градските услови дошло бебето. Е тука почнува заплетот од животно, театарската претстава.
Едната баба, онаа од големиот град, го учи внучето како рачињата се бришат со влажна марамица ако допре камче, додека другата го теши кога ќе падне со фразата: „така се расте“. Иако детето не ги разбира ниту едната ниту другата страна, секој му се обраќа како сака. Едните си фураат дијалект на провицнијата, другите говор на метрополата. Како што расте детето така си поприма повеќе од таму каде што ката ден се буди и заспива, па кога ќе ја посети другата страна се доживува како мечка среде циркуска точка. Сите го задеваат дека дошол скопскиот гостин. И така детето уште не проодено е дефинирано како дета на провинцијалецот и метрополката.
Пишува: Провинцијалецот
Фото: pexels / ENESFİLM