Почетна Убавина и здравје„Жената е сила што поместува граници“ – Убавина и здравје

„Жената е сила што поместува граници“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Нашиот музички уметник редовно се инспирира од љубовта и од женската сила, а откако се реализира во улогата на сопруг и татко, на инспирацијата ѝ нема крај…

Универзумот несомнено работи за него! Приказната на Павле Камилоски е далеку од обична, бидејќи тој во музичките води се нурнал сосема случајно на 27 години, додека работел на брод. Отсекогаш вљубен во музиката, но несвесен за својата дарба сè до ненадејната победа на талент-шоуто организирано за бродскиот персонал, идниот пејач е доказ дека никогаш не е доцна да си ги оствариме и најлудите соништа. Денес, Павле е еден од најангажираните музички уметници. Одново и одново ја освојува публиката со својот глас и со својата страст кон музиката, во чиј фокус секогаш се љубовта и жената. Кога не е на сцената, нашиот пејач е посветен сопруг на планинарката Ирина и татко на малиот Јосиф, кому се стреми да му ги пренесе сопствените животни вредности и етички принципи.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка?

Ќе издвојам еден од многуте лични подвизи на мојата сопруга. Откако го добивме нашиот син, таа беше упорна во својата иницијатива да им ја пренесе сета своја љубов и ентузијазам кон планината на повеќе од 20 мајки, заедно со нивните бебенца. Тие заедно создадоа здрава рутина да се искачуваат на Водно и со тоа да направат две добри дела истовремено: бебињата да дишат свеж и чист воздух, а мајките да го зајакнат своето психофизичко здравје по породувањето

Од денешна перспектива, кои жени би можело да се каже дека ти послужиле како пример во детството, но и подоцна, во позрелите години?

Жената му е вечна инспирација на мажот во секоја фаза од неговиот развој и напредок. Имав среќа во животот да растам со три прекрасни жени, мојата мајка и моите две сестри. Ќе ја истакнам љубовта и мајчинската грижа со која сум растел и од која сум ги учел едноставните човечки вредности, кои, за жал, денес се реткост. Научив што значи да се биде добар, чесен и доблесен човек со интегритет. Се разбира, тука беа и моите сестри, кои и денес имаат големо влијание врз мојот напредок и врз моите гледишта за вредноста на жената и нејзината заслуга во развојот на општеството како целина.

Кои особини најмногу ги цениш кај жените?

Искреноста, упорноста, посветеноста, чесноста и лојалноста се особините на жените кои се интегрален дел од мојот живот. Тие нивни особини се мојата инспирација и мојот двигател во животот. Од нив ја црпам силата за да творам и да создавам подобра иднина за нас.


Поврзани објави

Како функционирате ти и сопругата Ирина во поглед на домашните обврски?

Сите ние, па така и јас, имаме лоши денови кога едвај функционираме и користиме само 30 отсто од нашиот потенцијал, па бараме начин да ги одложиме обврските. И тогаш, партнерот е тој што ќе даде 170 отсто од себе за да не дозволи да нè собори нашата немоќ. Ете тоа го имаме јас и Ирина. Имаме разбирање, поддршка и љубов еден за друг, па така обврските не се наметнуваат, туку природно ни доаѓаат.

Какви вредности се надеваш дека ќе му пренесеш на синот Јосиф?

Децата се огледало на нас родителите и на нашиот начин на живот. Тие гледаат пример, не слушаат зборови. За себе сметам дека сум високоетична и морална личност, со исклучителна почит кон мојата партнерка, а тоа со сигурност ќе му биде пренесено на мојот син.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА