Ново истражување покажува дека редоследот на кардиоваскуларните вежби и тренингот со тегови може да влијае врз контролата на гликозата кај лицата со дијабетес тип 2. Научниците откриле различни придобивки зависно од тоа со кој тренинг се започнува.
Физичката активност одамна е позната како важен дел од контролата на дијабетесот, но ново истражување на научници од Кина и Шведска открива дека не е важно само колку и како вежбате, туку и по кој редослед ги изведувате вежбите.
Истражувањето, објавено во научното списание „iScience“, опфатило 56 лица со дијабетес тип 2, на просечна возраст од 62,5 години. Учесниците биле поделени во две групи и вежбале трипати неделно во период од осум недели.
Едната група започнувала со 30 минути кардиоваскуларни вежби, како возење велосипед, по што следувале 30 минути тренинг со тегови. Другата група го правела спротивното – прво вежби за сила, а потоа кардио.
Резултатите покажале интересни разлики. Кај лицата кои започнувале со кардио тренинг било забележано значително намалување на просечното и ноќното ниво на шеќер во крвта.
Поврзани објави
Од друга страна, оние кои прво вежбале со тегови имале помали осцилации на гликозата, односно постабилни вредности на шеќерот во крвта.
Научниците претпоставуваат дека кардиоваскуларните вежби прво трошат дел од складираната енергија, поради што мускулите потоа можат да преземат повеќе гликоза од крвта. Сепак, истражувачите предупредуваат дека студијата опфатила мал број учесници и дека се потребни дополнителни истражувања на поголема популација.
Засега, наодите укажуваат дека редоследот на вежбите може да биде важен за подобра контрола на шеќерот кај лицата со дијабетес тип 2, но изборот на тренинг треба да се приспособи на индивидуалната здравствена состојба.
Фото: pexels