Првите дождовни капки во септември почнаа да тропаат по прозорските стакла. Сакале или не, полека му велиме збогум на летото, а со тоа и добре дојде на септември, крајниот рок за патувањето од десетици километри до метрополата.
Времето е кратко, одлуките мора да се брзи, не за друго, има по еден автобус кој тргнува во црни зори и води до големиот град. Градот на многу надежи, а за некого и исполнител на бројни мечти.
Оние провинцијалци кои првпат стапнуваат во градот на градовите или веќе имаат неколкугодишно искуство, ги полнат дворовите на студентските домови. Добро, има и такви кои се маваат во гради дека тоа не е за нив, ќе живееле во стан под кирија за да можеле да учат, но за нив во друга прилика.
Со саати стојат во ред, како војници, со куферите и торбите до нив и куп документи во рака. Оние со стаж веќе знаат што ги чека, за другите тоа е само старт од маратонот наречен трпение.
И таман си дошол на ред, тетката зад шалтерот ќе ти каже дека ти фали некоја уплатница и така тргнуваш да луташ и скиташ каде да најдеш пошта или банка.
За жал, не си единствениот и таму колона „изгубени“ провинцијалци. Некако ќе ти дојде редот и повторно се враќаш во низата надежни млади луѓе, кои само си мислат дека за некоја година ќе земат парче хартија именувано како диплома и ќе ги решат животните маки и предизвици.
И така некако ќе се сместиш во собата, а вистинска лотарија е да ти се падне кревет од чиј душек не наѕираат федери. Некој од поискусните ќе те посоветува да го превртиш душекот или врз него да фрлиш дебело ќебе, па одозгора постелнина.
На ѕидовите и плакарите ќе видиш стотици спомени, лузни од кармини, гребаници кои треба да носат пораки со чувства за некоја голема провинциска љубов. Љубов која често се случува, но не ретко долго трае.
Но затоа до бескрај го тренираш своето трпение. До вчера дома не ти се допаѓаше стекот што го спремаше мајка ти, но затоа со часови ќе стоиш пред студентската менза за тетка Весна да ти стави едно парче од 200 грама. Не дека стекот е толку многу вкусен, но тој е еден од најлуксузните оброци во студентското мени.
Мора да си меѓу првите, новопечените билдери уште од појадок се наредени за тој пусти стек. Оние што нема да стигнат навреме, ќе си јадат од провинцијалскиот ајвар кој со денови стои обесен од надвор на прозорецот, иако редовно плаќаш и легло и оброк секој месец.
Месец како месец, толку долго трае, иако има само 30 денови особено ако си од оние провинцијалци кои со душа го чека секој викенд да се вратат дома.
Поврзани објави
Секако, има и такви кои со нетрпение чекаа да почне оваа авантура за никогаш или само кога се мора да му свртат грб на големиот град и да и се вратат на родната грутка. Во зависност кој што одбрал да студира такви и маки трга.
Ќе ти требаат денови, недели, па и месеци да научиш со кој автобус треба да одиш на факултет, кај другар или дечко/девојка во друг студентски дом, но и кои се алтернативите.
Во зградата наречена студентски дом ќе ги научиш сите дупки од каде можеш да прошверцуваш некој на спиење. Со портирот на пријавница мора да си во најдобри односи, да го почестиш ракија, домашно сирење или фамозниот провинцијалски т.н. домашен ајвар, не за друго – да не те боли глава кога ќе ги правиш првите журки во соба.
Во спротивно нема раат да видиш од некоја провинцијалска бубалица, која нон-стоп учи, а нема положено ниту еден колоквиум, за испит да не правиме муабет. Ќе те пријавува на портирот да те опомене да ја исклучите музиката, наместо да дојде и да се придружи на забавата.
Забава која трае до рани утрински часови и резултира со нови многу нови пријателства. Дел ги стекнуваш после лудувањето, се будиш следниот ден со уште десетина луѓе во соба, кои ниту ги знаеш, ниту ги познаваш. Кој како заглавил, се сместил во некој кревет, на столица, под единственото биро во собата за четворица.
Четворица цимери/ки собрани од сите краеви на државата, кој лафе, кој дума, а има и такви кои говорат.
Иако во месецот на преселниците тешко се разбирате, со текот на времето станувате најдобри пријатели, не ретко и за навек.
И така, ден по ден, ќе ѝ дојде крајот на академската година, повеќето провинцијалци со душа му се враќаат на градот или селото од каде што тргнаа кон градот под Водно, другите, пак, си наоѓаат работа и решаваат таа сезона да се пржат на врелиот скопски асфалт, прескокнувајќи ја миграцијата. Кој во кои ќе се најде е негов избор, избор кој некогаш и живот чини.
Текст: Провинцијалецот
Фото: Pexels/Malte Luk