Правната битка на Македонците во Грција мора да има позитивен исход кој ќе придонесе за зачувување и негување на вредностите, на македонскиот јазик и национален идентитет сметаат експертите откако јужниот сосед го забрани Центарот за македонски јазик. Грчките власти треба да знаат дека заштитата на етничкиот идентитет на Македонците таму не е штета на државата туку придобивка на сите демократии.
Правата на Македонците во Грција треба да се бараат во рамките на Меѓународните конвенции за човекови права, не е сфатливо зошто во 21 век некому би му пречело центар чија што цел е заштита и промоција на јазикот. Верувам дека понатамошната постапка во правните инстанци во Грција што се уште не е завршена ќе донесе позитивен исход, знаејќи дека тие се уште имаат право да се жалат на оваа одлука, до толку повеќе што претходните степени имаше позитивна одлука за овој Центар. Заштитата на етничкиот идентитет во Грција не е на штета на таа држава, тоа е придобивка на сите демократии и дополнителен мост за соработка. Верувам дека во рамки на европските стандарди и во духот на европската солидарност правните инстанци ќе донесат една позитивна одлука,вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Васко Наумовски.
Според Наумовски, Грција како членка на Европската унија има одговорност да ги зачува правата на сите граѓани, вклучително и оние со македонски етнички идентитет.
Билатералната соработка треба да се фокусира на области од кои двете страни ќе имаат корист. Инфраструктурни проекти, економска соработка, соработка во образованието, туризмот итн. Додека пак овие области би требало да се третираат независно од тоа дали билатералните односи се движат во една позитивна насока или не. Одговорноста за зачувување на правата на сите граѓани во Грција, вклучително и на оние со македонски етнички идентитет е одговорност на самата Грција, како членка на ЕУ и НАТО и не би требало да биде поврзана со билатералните односи што тие ги имаат со нас, додава Наумовски.
Oткако Грција го забрани Центарот за македонски јазик во Лерин, Македонците таму најавија борба преку сите судски инстанци.Ќе одат и до Врховен и до Судот за човекови права во Стразбур. Иако, во март, 2023-та година, од тамошните институции, беше потврдена законитоста на регистрацијата на центарот, како невладина организација, апелацискиот суд во Кожани, ја поништи регистрацијата.
Ова е, уште еден показател, дека Преспанскиот договор не помогна – да се промовира македонската култура, во Грција, иако, поранешниот премиер Зоран Заев уверуваше дека отворање на културни центри е плод, на Договорот од Преспа. Центарот беше првата организација, која директно се грижи, за македонскиот јазик, и беше регистриран и признат од грчките власти, но, тоа траеше, една и пол година.