По 14 години брак, Хиларија и Алек Болдвин делат необичен начин на комуникација кој ја одржува нивната блискост
По 14 години заеднички живот и седум деца, Алек Болдвин и неговата сопруга Хиларија сè уште наоѓаат начини да ја зачуваат блискоста и да внесат ведрина во секојдневието. Нивната тајна, како што откриваат низ шега, не се големите романтични гестови, туку нешто многу поедноставно – меѓусебното задевање, хуморот и еден необичен начин на комуникација.
Актерот Алек Болдвин (68) и неговата сопруга Хиларија (42) не пропуштаат можност да се пошегуваат на сметка на другиот, дури и кога станува збор за сосема обични семејни ситуации. Со седум деца – Кармен (13), Рафаел (11), Леонардо (10), Ромео (8), Едуардо (6), Марија (5) и Илaрија (4) – нивното секојдневие сигурно е исполнето со обврски, но сепак успеваат да најдат простор и за смеа.
Во разговор за магазинот „Us Weekly“, Хиларија открила дека нивната брачна динамика често се темели на своевидно „извртување на реалноста“. Како што објаснила, двајцата сакаат да се задеваат и толку убедливо да ги претставуваат сопствените верзии на настаните што на крајот веќе не се сигурни кој што навистина кажал или предложил.
Еден пример особено ги насмеал нивните обожаватели. Хиларија признала дека има навика постојано да го преместува мебелот и одново да го уредува семејниот дом, а потоа на сопругот му ја претставува целата промена како негова идеја.
„Секој ден, кога тој ќе излезе, ако немам работни обврски, се враќам дома и почнувам да го преуредувам просторот. Му велам дека тоа била негова идеја, а тој ме погледнува и вели: ‘Чекај малку’“, раскажала низ смеа.
Поврзани објави
Сепак, како што тврди, успева да го убеди дека нема причина за загриженост поради преместениот мебел, па заклучила дека и двајцата се еднакво вешти во ова мало брачно надмудрување.
„Гледате, и двајцата знаеме да си ја извртуваме реалноста“, се пошегувала таа.
Нивната врска, која започнала во 2011 година, кога се запознале во еден ресторан во Њујорк, очигледно со текот на годините добила сосема посебна динамика. Хиларија смета дека токму ваквите мали шеги и меѓусебното задевање придонесуваат нивната врска да остане жива и исполнета со енергија.
„Поради тоа, двајцата истовремено старееме многу брзо, но и се чувствуваме млади“, објаснила инструкторката по јога.
Ниту Алек не крие дека му годи ваквиот однос. Наместо секоја ситница да ја претвораат во причина за расправија, сопружниците научиле да се смеат еден на друг, но и на сопствена сметка. Можеби токму тука се крие една од најважните лекции за успешен брак – љубовта не ја сочинуваат само големите одлуки и сериозните разговори, туку и малите секојдневни лудории што двајца луѓе ги споделуваат.
ФОТО: ИНСТАГРАМ