Table of Contents
Британската фитнес-инфлуенсерка Талила Хенчоз сподели фотографии и видеа без филтри, потсетувајќи дека зад совршените објави често се кријат стрес, несигурност, тешки разговори и денови кога едноставно немаме сила за ништо.
Совршено лице, затегнато тело, насмевки, егзотични патувања и фотографии од луксузни домови – ваквите содржини секојдневно ни поминуваат пред очи додека ги разгледуваме социјалните мрежи. Но колку навистина знаеме за животот на луѓето што ги следиме?
Британската фитнес-инфлуенсерка и коуч за женско здравје Талила Хенчоз потсетува дека она што го гледаме на Инстаграм е само мал, внимателно избран дел од нечие секојдневие.
Во својата последна објава таа реши да покаже и поинаква страна од сопствениот живот. Без обид да ги прикрие целулитот, акните, физичките несовршености и деновите без енергија, Талила испрати порака за искреноста на социјалните мрежи и за притисокот што го создава постојаното споредување со другите.
Зад совршените фотографии се крие уште 80 отсто од приказната
Инфлуенсерката објаснува дека луѓето често ги гледаат само убавите моменти од туѓите животи, но не и сè што им претходи или следува по нив.
Можеби гледате како некој се сели во друга држава, но не и стресот и носталгијата што доаѓаат со тоа. Ја гледате врската, но не и тешките разговори. Го гледате бизнисот, но не и бескрајните часови работа зад сцената. Ја гледате фитнес-трансформацијата, но не и деновите кога мотивацијата е на нула“, напиша таа.
Според Талила, проблемот не е нужно во тоа што луѓето не се искрени. Едноставно, никој не може да го прикаже секој момент од својот живот преку екран. Но, додека ги разгледуваме туѓите профили, лесно забораваме на оваа едноставна вистина.
Така, наместо сопственото секојдневие да го прифатиме со сите негови подеми и падови, почнуваме да го споредуваме со внимателно избраните фотографии и видеа на другите.
„Не ја споредувајте својата реалност со туѓите најубави моменти“
Талила потсетува дека дури и големите животни промени, кои на фотографиите изгледаат совршено, можат да бидат проследени со неизвесност, страв и тешки одлуки.
Таа неодамна сподели дека со партнерот купиле куќа во Англија, а планираат животот да го организираат меѓу Англија и Јужна Африка. Но, и зад ваквите убави вести, како што објаснува, постојат многу моменти што не се гледаат во објавите.
Поврзани објави
Социјалните мрежи можат да бидат прекрасно место за инспирација, поврзување и споделување искуства. Но, никогаш не биле наменети да бидат мерило за тоа колку добро ни оди во животот“, порачува таа.
Иако и самата се труди да ги споделува убавите и помалку убавите страни од реалноста, признава дека во последно време нејзиниот профил повеќе наликувал на збирка од среќни моменти. Токму затоа одлучила да објави потсетник дека зад секоја фотографија постои многу поширока приказна.
Целулитот, акните и лошите денови не се причина за срам
Со фотографиите на кои ги покажува природните промени на своето тело и лицето, Талила испраќа порака дека убавината не треба да се сведува на беспрекорен изглед, ниту самодовербата да зависи од тоа колку добро изгледаме пред камера.
Нејзината порака е особено важна во време кога филтрите, обработените фотографии и внимателно режираните видеа лесно создаваат впечаток дека сите други живеат подобро, изгледаат посовршено и полесно се справуваат со секојдневието.
Уживајте во она што го гледате, радувајте се на туѓите успеси и црпете инспирација, но не заборавајте дека постојат уште 80 отсто од приказната што не ја гледате“, порачува инфлуенсерката.
На крајот, таа им се обрати и на оние што минуваат низ потежок период, со надеж дека нејзината искреност ќе им помогне да сфатат дека не се единствените што имаат лоши денови.
Можеби најважната лекција од нејзината објава е едноставна: не ја мерете вредноста на сопствениот живот според туѓите фотографии. Зад совршените кадри има реални луѓе, со реални проблеми, несигурности и предизвици.
Фото: Инстаграм