Запленети се 734 метри кубни дрва и поднесени се 147 прекршочни и кривични пријави во интензивираните акции на Шумската полиција, што се спроведуваа во текот на октомври, против бесправната сеча, транспортот и трговијата со дрвна маса од незаконско потекло.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), најголем дел од одземената количина се даб и бука.
– Запленети беа 288 метри кубни даб и 274 метри кубни бука. Преостанатиот дел од запленетата дрвна маса опфаќа 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво (трупци), наведува МЗШВ.
Во рамките на акциите против дрвокрадците, Шумската полиција привремено одзеде 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили. Притоа, до надлежните судови поднесени се 122 прекршочни пријави, а до Основното јавно обвинителство 25 кривични пријави.
– Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите. Ќе бараме одговорност и од оние што бесправно сечат и од оние што ги препродаваат дрвата. Шумите се заедничко богатство и наша обврска е да ги заштитиме, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски. мч/паг/
Фото: МЗШВ/ МИА