Растот на цените, инфлацијата и економијата се главните проблеми за грчките граѓани, заедно со порастот од 56,6 и 30 проценти. Според резултатите од анкетата на јавното мислење спроведена од агенцијата „Opinion Poll“ за грчката телевизија „Action 24“, тие не се премногу задоволни од мерките кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги објави во Солун.
Анкетата беше спроведена по обраќањето на грчкиот премиер на Меѓународниот саем во Солун минатата сабота, кога тој претстави низа мерки за поддршка на граѓаните. На прашањето „Колку сте задоволни од мерките?“, речиси седум од десет испитаници (69,1 отсто) одговориле „малку/ воопшто“, додека пак 60,2 проценти не веруваат дека Владата се обидува да ја подобри економската состојба на просечното домаќинство.
На политички план, владејачката Нова демократија е стабилна на првата позиција со 24,9 отсто, 13,5 повеќе од ПАСОК, кој е на второто место со рејтинг од 11,4 проценти.
Курсот на слобода е трета партија, а веднаш зад неа е десничарско националистичката Грчко решение, по што следи Комунистичката партија.
Во однос на прашањето кој е најсоодветен за премиер, тројца од десет анкетирани (31,8 проценти) одговориле „никој“, 27,9 отсто сметаат дека е актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис, а само 7,2 проценти го одбрале лидерот на ПАСОК, Никос Андрулакис.
Во врска со сценаријата дека поранешниот премиер Алексис Ципрас планира да формира нова партија, 63,5 отсто од испитаниците гледаат на оваа можност „негативно/веројатно негативно“ и исто толку одговориле дека „не би можеле никогаш да гласаат за оваа партија“.
Анкетата на „Opinion Poll“ за „Action 24“, беше спроведена од 8 до 10 септември, со 1.002 испитаници.