Почетна ЕкономијаМФ: Усвоен Законот за државна ревизија, воспоставуваме современа рамка за работа на државната ревизија

МФ: Усвоен Законот за државна ревизија, воспоставуваме современа рамка за работа на државната ревизија

од nenad
2 минути читај за

Министерството за финансии соопшти дека Законот за државна ревизија што денеска го донесе Собранието е значаен чекор во натамошното унапредување на системот на јавните финансии, јакнењето на институционалната независност на Државниот завод за ревизија и зголемувањето на отчетноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства.

– Предложениот закон воспоставува посовремена рамка за функционирање на Државниот завод за ревизија, со посилен акцент на неговата независност, професионалност, транспарентност и квалитетот на ревизорската работа. Крајната цел е државната ревизија да има уште посилен придонес кон законско, економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, како и кон поголема отчетност на институциите пред Собранието и пред граѓаните – велат од Министерството за финансии.

Една од клучните новини на Законот е во насока на дополнителното зајакнување на независноста на Државниот завод за ревизија. Со Предлог-законот јасно се утврдува дека ДЗР самостојно и независно одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат вклучени во Годишната програма за работа.Исто така Предлог-законот го прецизира и опсегот на државната ревизија. Покрај институциите и другите субјекти кои располагаат со јавни средства, се предвидува можност за ревизија и кај субјекти поврзани со субјектите на ревизија, кога постои економски, финансиски или друг вид интерес и кога се користат средства кои претставуваат јавни расходи.

Значајни новини се предвидуваат и во однос на изборот и статусот на главниот државен ревизор и неговиот заменик, во насока на зајакнување на професионалните критериуми за избор и се прошируваат и надлежностите на главниот државен ревизор. Посебно внимание е посветено и на професионализацијата на Државниот завод за ревизија и развојот на човечките ресурси.

– Важен сегмент од реформата е и зајакнувањето на транспарентноста и следењето на ефектите од државната ревизија. Со Предлог-закон се посветува внимание и на следењето на степенот на спроведување на дадените препораки кое се поставува како јасно дефинирана постапка. Ова особено од причина што крајната цел на државната ревизија не е само да ги констатира слабостите, туку да придонесе тие да бидат отстранети и да се подобри управувањето со јавните средства – посочува Министерството за финансии.
Извор: МИА