Почетна ЕкономијаДиректорот на Царина, Николовски на состанок со делегација на хрватската Царина: Во фокусот изготвување уредба за новиот закон за царина

Директорот на Царина, Николовски на состанок со делегација на хрватската Царина: Во фокусот изготвување уредба за новиот закон за царина

од nenad
2 минути читај за

Директорот на Царинска управа Бобан Николовски со својот тим денеска одржа состанок со делегација од хрватската Царина, во чиј фокус беше изготовување на уредбата за спроведување на новиот Закон за царина, за кој, предлог текстот е во финална фаза.

– Царинската управа со експерти од Хрватска активно работи на изготвување на новите царински подзаконски акти за спроведување на новиот Царински закон, чија суштина е подобрување на условите за водење бизнис и побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, преку создавање целосно дигитално царинско работење и целосна усогласеност со системите што се користат во ЕУ – се наведува во соопштението од Царината.

Бобан Николовски директор Царина

Николовски изјавил дека искуството во изготовувањето на царинските подзаконски акти на хрватската Царина, како земја членка на ЕУ, е од огромно значење за нашата држава бидејќи ќе овозможи царината да делува како катализатор на економијата. Изготвувањето на новата Уредба, потсетуваат од Царината, се спроведува во рамки на Твининг проект на ЕУ „Изработка на регулативи за имплементација на UCC на ЕУ во Македонија“ за што преку Европската унија се обезбедени 250 илјади евра.

– Нашата визија е јасна: модерна, дигитализирана и ефикасна царинска администрација, која ја олеснува и поддржува легалната трговија, а истовремено обезбедува силна и професионална заштита на границите. Ова е патот кон европска царина – царина што создава услови за економски развој, ја јакне довербата во институциите и е подготвена за идните предизвици – истакнал Николовски.

Царинска управа експерти Хрватска

Од страна на хрватската Царина било истакнато дека продолжувањето на партнерството е одраз на одличните партнерски односи помеѓу државите кои дополнително се зајакнати со Договорот за стратешка соработка на меѓувладино ниво и Меморандумот за соработка меѓу царинските управи потпишан во септември годинава. Искуството на двете управи во спроведување на твининг проекти како механизам за трансфер на знаење и искуство, додаваат од Царината, воедно претставува силна гаранција за ефикасна соработка.

– Целите на проектот се фокусирани на подобрување на деловните процеси и царинските постапки преку понатамошно усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, како и модернизација и развој на царинските информациски системи на РС Македонија – истакнал Жељко Фрањиќ, заменик директор на Царинската управа на Република Хрватска.

На состанокот бил ставен акцент и на оперативната соработка помеѓу двете институции која, како што е истакнато, е клучна за сузбивање на транснационалниот криминал и заштита на границите. ац/паг/

Фото: Царинска управа
Извор:МИА