Почетна ЕкономијаОд снимка до казна: која е жената што фрлаше отпад во Лепенец?!

Од снимка до казна: која е жената што фрлаше отпад во Лепенец?!

од nenad
2 минути читај за

Снимка на која се гледа жена како од автомобил фрла отпад во реката Лепенец предизвика бројни реакции во јавноста, откако беше објавена на социјалните мрежи.

На видеото се гледа како жената застанува со автомобил „порше“ во близина на мостот на улицата „Скупи“, по што излегува од возилото и отпадот го фрла во реката.

Станува збор за локација во близина на телевизијата Канал 5, на местото каде што Лепенец се влева во Вардар.

Случајот не остана без реакција од надлежните. Министерството за внатрешни работи информира дека полицијата го утврдила идентитетот на жената и ја повикала на разговор во Полициската станица од општа надлежност Карпош.

„На 17.09.2026 година во 11:45 часот, во Полициската станица од општа надлежност Карпош е повикана М.И.Б.(38) од Скопје, во врска со претходно објавени видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице со патничко моторно возило „порше“, на улица „Скупи“, кај мостот на реката Лепенец, фрла отпадоци во реката. По преземените мерки и активности, утврден е идентитетот на лицето, кое е повикано во полициската станица и со него е извршен службен разговор“, соопшти МВР.

По целосното документирање на случајот, против жената е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвор од местата определени за таа намена.

Покрај тоа, полицијата изготвила и записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирање на патничкото моторно возило на коловозна лента.

Случајот повторно го отвори прашањето за висината на санкциите за фрлање отпад на јавни површини и во водотеците.

На социјалните мрежи граѓани бараат построги казни за ваквите прекршоци, но и дополнителни мерки кои би имале превентивен ефект. Меѓу предлозите се споменуваат измени на Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпад, со значително повисоки глоби и воведување општокорисна работа за лицата кои намерно го загадуваат јавниот простор и природата.

Според пресметките што се споделуваат во јавноста, висината на изречената парична санкција може да биде значително пониска доколку се плати во предвидениот рок, што дополнително ја наметнува дилемата дали постојните казни се доволно силна превентивна мерка.

Отпадот фрлен во река, освен што го нарушува изгледот на околината, претставува и потенцијален проблем за водниот екосистем. Затоа, случајот со Лепенец повторно го насочи вниманието кон потребата од поголема одговорност при постапувањето со отпадот и почитување на правилата за одржување на јавната чистота.