Почетна ЕкономијаСаудиска Арабија ги намалува испораките на нафта за Европа по нападот врз нафтоводот

Саудиска Арабија ги намалува испораките на нафта за Европа по нападот врз нафтоводот

од nenad
1 минути читај за

Саудиска Арабија ги намалува, а во одредени случаи и целосно ги прекинува испораките на сурова нафта за европските клиенти, откако во напад со дрон беше оштетен клучниот нафтовод Исток–Запад, кој го поврзува нафтениот регион на земјата со Црвеното Море.

Ријад ги обвини хутите дека стојат зад нападот, по што дел од пратките на нафта планирани за септември биле откажани. Истовремено, утоварот на сурова нафта во црвеноморското пристаниште Јанбу е целосно прекинат.

Европските купувачи се соочуваат со потреба да обезбедат алтернативни извори на сурова нафта, во услови кога цената на нафтата на светските пазари достигна околу 122 долари за барел.

Според информациите, Саудиска Арабија ги известила дел од своите европски клиенти дека одредени договорени товари со сурова нафта за септември нема да бидат испорачани. Државната нафтена компанија „Сауди Арамко“ засега не се огласи во врска со информациите.

Прекинот на дел од извозниот тек преку Црвеното Море може да ја натера Саудиска Арабија да бара дополнителни начини за транспорт на нафтата, вклучително и зголемување на извозот преку стратешкиот Ормуски теснец.

Според трговски извори, во регионот веќе се користат таканаречени „темни испораки“ – пратки при кои потеклото, маршрутата или сопственоста на товарот е потешко да се следат. Слични методи, според изворите, користат и други производители на нафта од Заливот.

Ваквите испораки во претходниот период овозможиле производителите од регионот да извезуваат меѓу 7 и 9 милиони барели нафта дневно, што претставува околу 30 до 40 отсто од обемот забележан пред почетокот на војната.