Table of Contents
Изгледа како ремек-дело од најдобрите слаткарници, а всушност можете да ја направите и дома! Оваа ефектна „свеќа торта“ крие сочни кори со мак, крем со бела чоколада, ароматичен лимон-кард и неодолив фил од боровинки.
Најинтересниот дел е декорацијата што ѝ дава изглед на вистинска запалена свеќа.
Бисквит со мак
Потребни состојки:
- 330 г брашно
- 1 кесичка прашок за печиво
- 300 г шеќер
- 180 г масло
- 270 г јогурт
- 100 г мелено семе од афион
- 3 јајца
Изматете ги јајцата со шеќерот, па додајте ги јогуртот, афионот, брашното, прашокот за печиво и маслото. Измешајте добро додека да добиете хомогена смеса.
Истурете ја смесата во плех и печете околу 30 минути на 200 °C. Оставете ја кората да се излади, а потоа пресечете ја на два еднакви дела.
Бел фил
Потребни состојки:
- 200 г бела чоколада
- 100 мл слатка павлака
- 150 г маскарпоне
Белата чоколада прелијте ја со топлата слатка павлака и мешајте додека целосно да се растопи и да се соедини. Оставете ја смесата да се излади, а потоа додајте го маскарпонето и изматете до мазен крем.
Фил со боровинки
Потребни состојки:
- 300 г боровинки
- 30 г шеќер
- 1 лажица сок од лимон
- 10 г желатин
- 30 мл студена вода
Боровинките ставете ги во тенџере заедно со шеќерот и сокот од лимон. Варете ги на тивок оган, мешајќи постојано, додека да омекнат и да пуштат сок и смесата да добие густина слична на џем.
Желатинот прелијте го со студената вода и оставете го неколку минути да набабри. Потоа додајте го во топлата смеса со боровинки и добро измешајте.
Оставете ја смесата да се излади на собна температура, а потоа ставете ја во фрижидер целосно да се стегне.
Поврзани објави
За вториот фил со боровинки, одвојте половина од белиот крем и измешајте ја со подготвената смеса од боровинки.
Лимон-кард
Потребни состојки:
- 50 мл сок од лимон
- 50 г шеќер
- 10 г густин
- 3 жолчки
- 100 г путер
Во сад измешајте ги жолчките, сокот од лимон, шеќерот и густинот. Ставете ја смесата на рингла и варете ја со постојано мешање додека да се згусне, слично како пудинг.
Во врелиот крем додајте го путерот и мешајте додека целосно да се растопи и да се соедини со кремот. Оставете го да се излади.
Време е за редење!
На едната кора нанесете го жолтиот, односно лимонскиот крем. Потоа ставете го кремот со боровинки и поклопете со втората кора.
Најважно е на врвот да завршите со крем, а не со кора.
За завршниот слој подгответе шлаг-крем со слатка павлака, во кој ќе додадете 100 г бела чоколада и 50 мл слатка павлака. Чоколадата прелијте ја со топлата павлака и мешајте додека целосно да се растопи и смесата да стане мазна.
Оставете ја во фрижидер добро да се стегне, а потоа изматете ја додека да добиете цврст крем.
А сега – трикот што ја прави тортата спектакуларна!
Делот што изгледа како вистински растопен восок всушност е лимон-кард. Него внимателно нанесете го или истурете го преку работ на тортата така што ќе се слева надолу и ќе создаде препознатлив ефект на восок.
Токму овој едноставен детаљ ја претвора тортата во ефектен десерт што изгледа како да излегол директно од професионална слаткарница.
Постапката за изработка и декорацијата погледнете ги во видеото подолу.
Видео: Youtube