Ведрана Рудан, хрватска книжевничка, почина од карцином на жолчните канали
Хрватската писателка, новинарка, колумнистка и активистка Ведрана Рудан почина денес како последица на карцином на жолчните канали.
Таа во мај 2024 година објави дека боледува од карцином, а сега ја загуби битката со тешката болест.
„Ведрана замина во подрачје без сигнал“, беше објавено на официјалната страница на Ведрана Рудан.
Кога дознала од каков вид карцином боледува, Ведрана зборувала отворено за својата состојба, во нејзиниот препознатлив, директен стил.
„Мојот рак е е*ано редок, се вика рак на жолчните канали, ми се чини. Не го прочитав ниту отпусното писмо, ниту типот, ниту прогнозите на интернет. Додуша, некаде налетав на информација дека од првите симптоми до смртта имаш дури три месеци за да го изневериш сопругот, да ги лишиш децата од наследство или да го испратиш љубовникот по ѓаволите. Тоа и не е баш некој рок“, изјавила таа откако дознала од што боледува.
Нејзините зборови и последната објава повторно го свртеа вниманието кон луѓето кои се борат со оваа сурова болест, но и кон оние кои безусловно им помагаат на тој пат.
Ведрана била првата пациентка во светот на која била применета метода на хипербарична оксигенотерапија (HBOT) за лекување на компликации настанати како последица од третманот на туморот.
„Само пет проценти од среќниците можат да бидат оперирани. Јас сум една од нив. Најпрво отидов во Света Недела, во Радиохирургија, за да ми го спалат ракот пред операцијата. Ми го спалија ракот и џебот, бидејќи не влегов во ‘квотата’. Имено, државата има договор со таа установа според кој одреден број Хрвати влегуваат во ‘квотата’. Останатите или умираат од рак или им помагаат пријателите“, напишала Ведрана во една од своите објави.
Нејзината последна колумна
Во својата последна колумна, Ведрана повторно пишувала без задршка – овојпат за состојбата на медицинските сестри и здравствениот систем, но и за луѓето кои секојдневно се грижат за најтешко болните.
„Онкологијата во Риека е од камен и железо. Се проширува додека жештината убива, а медицинските сестри се дават во пеколот со насмевка на лицето. ‘На пациентите им е најтешко’, ‘тоа е наш повик’.
Поврзани објави
Може ли работата во смени од 0 до 24 часот да биде нечиј повик или сепак тоа е државно злосторство?
Јас сум во групата на ‘оние на кои им е најтешко’. Затоа знам дека не ми е најтешко. Ќе умрам јас, ќе умрат и други. Вчера бев на контролен преглед. Слушнав приказна во која сè уште не можам да поверувам.
Моментално сум дома. За мене се грижи семејството. Супа, чај, цврста храна, мека храна, миење во кревет, изнесување на вишокот од моите работи од собата… Се преправам дека дремам. Срам ми е. До каде сум паднала. Кога ќе им го кажам тоа, слушам само една реченица: ‘Ти си наша’.
Чија сум кога сум во болница дење и ноќе, кога во три часот наутро чувствувам рака на челото, кога во пет часот ги гледам сестрите како го носат мојот отпад од кој мене бескрајно ми се гади, кога во шест часот ми го мерат притисокот, температурата…
Не сум богата. Да бев, би им дала сè што имам. ‘Тоа е нашиот повик…’
Прашувам колку се платени, иако чувствувам непријатност кога мислат дека мора да ми одговорат. За нивните плати никој не пишува, не се снимаат телевизиски емисии. Хрватските медицински сестри се како стаорци што пречат на патот. Сепак, слушнав дека месечно добиваат од 1.200 до 2.000 евра. Тука има и прекувремени часови.
Онаа вчерашна приказна од болницата не ми излегува од глава. Не знам дали е среќна или ужасна. Докторката Ивана пукнала. Повеќе не можела да ги издржи страдањата на своите колешки. Смени од седум наутро до седум навечер, па од седум навечер до седум наутро… Нема крај.
Изнајмила брод, пуштила музика и ги повикала колегите кои можеле да дојдат на еднодневен излет. Се танцувало, се пеело, се смеело. Меѓу Црес и Крк, по Јадранското Море, пловел брод на веселбата.
Дали хрватските граѓани треба молкум да гледаат како ракот им ги одзема најмилите од животот, а нивните деца ги гушат во прегратките на медицинските сестри?
Сите ние што ја слушнавме приказната на Ивана плачеме над животот на робовите во нашите болници. Тоа нема да ѝ помогне ниту на Ивана, на која ѝ пукна срцето, ниту нам, ниту ним.
Како не разбирате, слепци! Идни пациенти! Излезете на улиците и со сите сили борете се против државата која е рак за Хрватска.“
ФОТО: Принтскрин