Турција презема нови мерки за зајакнување на домашното рударство и намалување на ризиците во снабдувањето со критични минерали. Владата на Реџеп Таип Ердоган планира формирање посебен Одбор составен од повеќе институции, кој ќе ја координира политиката за критичните минерали и ќе го определува нивното стратешко значење за индустријата, енергетиката, одбраната и високите технологии.
Новото тело ќе ги разгледува и еколошките и социјалните аспекти поврзани со ископот и преработката на минералите, што покажува дека Турција настојува истовремено да го зголеми домашното производство и да постави правила за одговорно користење на ресурсите.
Турција не е единствената земја во регионот што го става рударството повисоко на економската агенда. И Грција веќе започна со поддршка на нови рударски инвестиции со европски средства.
За разлика од овие трендови, Македонија повеќе од четири децении нема отворено нов металичен рудник, додека рударската индустрија продолжува да бележи пад. Во моментов, единствената инвестиција за експлоатација на критична суровина е проектот за бакар „Иловица-Штука“, кој и натаму е во застој.
Од локалната иницијатива „И здравје и работа“ неодамна посочија дека негативните статистички показатели треба да бидат сериозен сигнал за институциите и повод за преиспитување на односот кон рударскиот сектор.
„Македонија има минерални ресурси, има стручни кадри и има заинтересирани инвеститори. Она што недостига е навремено институционално дејствување и создавање услови инвестициите да се реализираат во согласност со законите и највисоките стандарди за заштита на животната средина. Постојните капацитети постепено се соочуваат со исцрпување на ресурсите, а во исто време, глобалната побарувачка за бакар расте. Цената на овој метал надмина 14.000 долари за тон, што дополнително ја зголемува стратешката и економската вредност на домашните ресурси. Во такви услови, проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ претставува една од најзначајните инвестициски можности за македонската економија“, се истакнува во соопштението.
Според иницијативата, Македонија не смее да ги пропушта инвестициите во момент кога светот се соочува со зголемена побарувачка за бакар и други критични минерали и „доколку проектите ги исполнуваат сите законски, технички и еколошки услови, државата има обврска да создаде услови тие да се реализираат“.
Сепак, додека Македонија се уште не фаќа тек во глобалната трка, Извештајот за критични и стратешки минерали на Турција создаде листа од 37 минерали. На листата на критични минерали со највисок приоритет беа поставени вкупно осум – бакарот, литиумот, среброто, титаниумот, железото, манганот, цинкот и алуминиумот. Според Саит Ујсал, основач на Иницијативата за критични минерали на Турција, воените конфликти, зелената транзиција и модернизацијата на електропреносната мрежа, ја зголемуваат на светско ниво побарувачката на критичните суровини. Тој го посочи бакарот како најкритичен, бидејќи за него брзо се исцрпуваат и резервите.
„Недостатокот на снабдување со некои минерали се чини неизбежен, како што се ретките елементи кои се користат во моторите на електричните возила и ветерните турбини, но и бакарот, чија побарувачка брзо се зголемува поради процесот на електрификација, а од друга страна потребни се во просек 17 години за нов рудник за бакар да се реализира од откривање до производство“, изјави Ујсал за агенцијата „Анадолија“.
Поради честите трговски бариери и „ресурсен национализам“ голем број на држави веќе склопуваат билатерални договори за заеднички напори за ископ на руди и снабдување. Турција, која поседува огромен руден потенцијал, последно најави соработка во областа на критичните минерали со Австрија. Ова го истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на средбата во Анкара со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Веруваме дека ќе ја достигнеме нашата цел за трговска размена од пет милијарди долари оваа година, со оглед на постигнатите 4,5 милијарди долари во 2025 година. Над 1.000 австриски компании работат во нашата земја. Директните австриски инвестиции надминаа 11 милијарди долари. Инвестициите на Турција во Австрија се приближуваат до 1 милијарда долари. Сите овие бројки се најјасен показател за потенцијалот меѓу нас. Имаме значаен потенцијал за соработка со Австрија во областите на зелена енергија, критични минерали, висока технологија, транспорт и одбранбена индустрија“, изјави турскиот претседател Ердоган.
Турските власти претходно најваија дека се стремат да бидат и еден од петте најголеми производители во светот на ретки елементи.