Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска одржа состанок со црногорскиот амбасадор во земјава, Зоран Миљаниќ.
Главни теми на средбата беа актуелните случувања во двете држави, со посебен фокус на потенцијалното воведување нови авиолинии и подобрување на транспортните врски меѓу Северна Македонија и Црна Гора, информираат од Министерството за транспорт. Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со тековните инфраструктурни проекти, како и со реформските процеси насочени кон исполнување на европската агенда. Беше нагласена и интензивната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните транспортни коридори, кои имаат значително влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се дискутираше и за проширување на економската соработка, зајакнување на трговската размена, како и за соработката во секторот туризам.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи, особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таков партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период“, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници, според достапните информации, се согласија за засилување на понатамошната соработка, особено во доменот на зголемување на економските односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
ев/Фото: Министерство за транспорт
Извор: МИА