Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на македонско – словачките економски и трговски односи беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Како што соопшттија од Министерството за транспорт, линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март, оваа година преку авиокомпанијата Визер, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Вицепремиерот Николоски, се посочува, истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
-На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима. Вицепремиерот Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура, се наведува во соопштението.
Николоски, воедно упатил честитки за изборот на амбасадорката, притоа изразувајќи благодарност за досегашната соработка и ја нагласил потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји, стои во соопштението. вг/
Фото: Министерство за транспорт