Во текот на граѓанската трибина во Демир Хисар, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја изрази својата поддршка за кандидатурата на Златко Кузмановски за градоначалник на општината. Тој подвлече дека Кузмановски е најсоодветниот кандидат за остварување на програмата и визијата што СДСМ ја предлага за Демир Хисар.
“Верувам, и стојам одговорно зад тоа, дека Златко ќе ја води општина Демир Хисар чесно, со интегритет и со почит кон секој граѓанин. Тој ќе отвори нова страница за Демир Хисар, страница на развој, можности и напредок,“ изјави Филипче.
Филипче додаде дека Кузмановски е човек од народот, секогаш меѓу своите сограѓани, со разбирање за нивните потреби и предизвици.
“Кузмановски ќе биде секогаш на терен, достапен и подготвен да слушне и решава проблеми. Ја познава секоја мака на општината и има волја и план за справување со нив,” потенцираше Филипче.
Лидерот на СДСМ, Филипче, акцентираше дека на претстојните избори жителите не гласаат само за политичка партија, туку, како што рече, одлучуваат за иднината и наследството што ќе им го остават на своите поколенија.
“На деветнаесетти октомври, имаме можност да кажеме доста на лагите, на неправдата и на лажниот патриотизам. Има можност да избереме чесни луѓе, луѓе со интегритет кои ќе одговараат пред вас, граѓаните. Сите заедно да излеземе и да покажеме дека се бориме за нашиот дом – за Демир Хисар, за Македонија и за сигурна и просперитетна иднина,” заклучи Филипче.
бк/фото: СДСМ . Извор: МИА