Во текот на контраофанзивната операција во областа на Добропиља, украинските вооружени сили ослободија повеќе од 174 квадратни километри територија и предизвикаа загуби од приближно 3,200 руски војници, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
“Разговаравме одделно со военото раководство за оперативната состојба, а главниот командант го поднесе својот извештај”, изјави Зеленски. Тој додаде дека контраофанзивната операција во Добропиља продолжува и ја изрази својата благодарност до единиците кои учествуваат во акцијата. Според него, од почетокот на операцијата, украинските сили ослободиле над 174 км², а уште над 194 км² биле прочистени од руски диверзантски групи. “Руските загуби во оваа операција изнесуваат околу 3,200, од кои најголемиот дел се неповратно загубени”, додаде претседателот на Украина.
Зеленски исто така информираше дека добил најнови информации за состојбата во Купјанск, во пограничните делови на Харковската област и на границата меѓу Доњецката и Днепропетровската област. “Ситуацијата таму е тешка, но важно е дека нашите сили прават сè за да ги одбранат своите позиции”, нагласи тој.
Тој ја пофали и украинската единица која со дрон урна руски воен хеликоптер. “Ова достигнување инспирираше многу Украинци”, рече тој, упатувајќи посебна благодарност до екипажот на баталјонот за беспилотни системи од 59. одделна јуришна бригада.
Зеленски додаде дека е од исклучителна важност украинските производители на дронови и ракети да работат со полн капацитет, бидејќи производствените можности на земјата сè уште не се целосно искористени.
ссм/фото: архива.
Извор: МИА