Сегашното управување на Министерството за образование и наука (МОН) со нов Закон за учебници, креиран во соработка со сите релевантни чинители во процесот на одобрување, производство и дистрибуција на учебници во основното и средното образование, го разреши проблемот кој четворица министри на претходната Влада не успеаја да го решат, се наведува во реакцијата на МОН на денешната изјава на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека по цел месец од почетокот на школската година, учениците сè уште немаат учебници.
“Оваа школска година има учебници за сите ученици и испораката е веќе завршена.”
Комплетно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во средно гимназиско образование, поради воведување на нови наставни програми.
За прв пат, по цели седум години, нови учебници има и по сите странски јазици.
Креирањето на нови наставни програми и учебници ќе продолжи и во наредните школски години, како дел од стратегијата за постепена реформа на националниот образовен систем.
Целокупниот тираж кој беше побаран од училиштата е отпечатен и дистрибуиран, потврдуваат од МОН.
Дополнително, како што е наведено, на училиштата и учениците, покрај печатените учебници, како можност им се достапни и електронските верзии на истите тие одобрени учебници.
“Така што, залудни се обидите на политичката партија СДСМ со невистини да се обидува да го девалвира трудот и посветеноста кон учениците и обезбедувањето на услови за квалитетна настава.”
Мина времето на рамнодушност кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите.
Промените се реализираат, а резултатот ќе се манифестира преку новите генерации кои ќе поседуваат поконкурентни знаења и потребните вештини за успех, стои во одговорот од МОН.
са/Фото: МИА архива.
Извор: МИА