Сите три уверенија за неказнување (казнена, кривична и прекршочна евиденција), уверение за државјанство, петте најчесто користени услуги од Катастарот, потврдите за стаж од Агенцијата за вработување и Фондот за ПИОМ, се само дел од документите кои граѓаните можат да ги добијат електронски и за мошне кусо време од Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Кога Порталот започна со функционирање беа издавани по 1 200 услуги месечно, а сега по 13 200.
Расте и бројот на корисници, од приближно 100 000 на 200 000, изјави денес министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според неговите зборови, денес речиси 70 институции се „закачени“ на Платформата за интероперабилност, а во стартната фаза биле 40. „Интероперабилноста значи дека тие веќе разменуваат податоци меѓу себе и како што најавив, до крајот на мандатот ќе се обидеме сите најкористени услуги од граѓаните да ги донесеме на Националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Искористеноста е голема, од 1 200 услуги месечно што беа давани од порталот кога почна со работа, денес се 13 200, а бројот на корисници од околу 100 000 е зголемен на 200 000. Тоа значи дека граѓаните го препознаваат.“
„Државјанство се вади целосно онлај и излегува за една минута, а потврдите за неосудуваност излегуваат за многу кратко време и не треба да одите до градот од каде потекнувате за да ги добиете“, истакна Андоновски на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања.
Како последна дигитализирана услуга, министерот ја спомена услугата на Државниот завод за статистика што ја користат сите студенти при запишување година или семестар.
Андоновски на прес-конференцијата го најави претстојниот „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25)“.
мч/дма/фото: МИА
Извор: МИА