Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес ја потпиша извршната уредба со која се одлага примената на законот од 2024 година до 16 декември. Тој закон налага елиминирање на кинеската сопственост врз ТикТок.
Британските медиуми известуваат дека ова одложување ќе ѝ обезбеди на кинеската фирма „БајтДенс“ (ByteDance) дополнителни 90 дена за да го заврши договорот за пренесување на американските средства на ТикТок на американски сопственици.
Трамп денес потврди дека постои спогодба меѓу САД и Кина за продолжување на работењето на ТикТок во Америка, а тројца извори упатени во ситуацијата изјавија дека спогодбата е слична на онаа што се разговараше претходно во текот на годината.
„Постигнат е договор за компанија што младите луѓе во нашата земја многу сакаат да ја спасат. Тие ќе бидат многу среќни“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social, алудирајќи на бизнисот на платформата ТикТок во САД. сд/фото:МИА архива .
Извор: МИА