Познатиот летен освежителен пијалак „слаш“ (slush), кој ги привлекува децата со својата боја и текстура, може да биде опасен за нив, предупредуваат стручњаците.
Агенцијата за безбедност на храна на Велика Британија (FSA) издаде предупредување поради ризикот што го носат овие ледени слатки напивки, особено поради присуството на глицерол (Е422) – состојка што се додава за да се спречи целосно замрзнување на пијалакот.
Глицеролот во поголеми количини може да предизвика намален шеќер во крвта, несвестица, гадење, вртоглавица, па дури и шок кај мали деца.
FSA посочува дека деца под 7 години воопшто не треба да ги консумираат овие пијалаци, а деца на возраст од 7 до 10 години не би требало да внесуваат повеќе од 350 мл дневно (околу една лименка).
Ова предупредување доаѓа по неколкуте инциденти каде што децата морале итно да бидат хоспитализирани, вклучувајќи го и случајот со двегодишно девојче кое речиси починало по консумирање на овој пијалак на роденденска прослава.
Поврзани објави
Стручњаците потенцираат дека децата се особено чувствителни бидејќи поради топлото време можат многу брзо да го испијат пијалакот, што го зголемува ризикот од несакани ефекти.
Некои производители веќе ги отстраниле глицеролот од своите производи, но на декларациите често не е јасно наведена количината. Родителите се советуваат внимателно да ги читаат етикетите и да прашаат дали производот содржи глицерол.
Во случај на било какви симптоми, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Фото: Pixabay