Почетна ЕкономијаМуцунски – Велдкамп: Холандија е голем билатерален донатор во клучни области за земјава

Муцунски – Велдкамп: Холандија е голем билатерален донатор во клучни области за земјава

од nenad
2 минути читај за

Зајакнувањето на билатералните односи, поддршката од Холандија за европската интеграција на државата, како и тековните регионални и глобални предизвици, биле во сржта на разговорот помеѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Каспер Велдкамп, денес во Хаг.

На средбата, во склоп на работната посета на Муцунски на Холандија, првиот човек на македонската дипломатија изразил благодарност “за принципиелната и континуирана холандска поддршка, како и за значајниот придонес на Холандија како еден од најголемите билатерални донатори во клучни области за земјата”.

“Министерот ја нагласи цврстата посветеност на Владата кон остварување на реформските приоритети и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.” Беше подвлечена и важноста од сојузништвото во НАТО, при што двете страни се сложија за стратешкото значење на стабилноста на Западен Балкан, како и за пораките испратени на неодамнешниот Самит на Алијансата во Хаг.

Во таа насока, беше нагласен и значајниот придонес на нашата држава во стабилноста во регионот и пошироко, со посебен осврт на миграциската криза, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во разговорите беше потврдена заедничката определба за понатамошно јакнење на економските и трговските врски, дополнително реафирмирано и на средбата што министерот Муцунски ја имал со холандската бизнис-заедница при посетата на Холандската агенција за претпријатија.

“Министерот Велдкамп го нагласи силното пријателство помеѓу двете земји, посветеноста на европските реформи и изрази желба што поскоро да ја види Македонија како дел од европското семејство.” Тој истакна дека Холандија останува силен поддржувач на проширувањето на ЕУ, нагласувајќи го принципот на напредок врз основа на конкретни резултати, на што земјата макотрпно работи, се наведува во соопштението.

Во рамките на работната посета на Хаг, министерот Муцунски, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, пред холандски бизнисмени во Холандската агенција за претпријатија ги презентирал инвестициските можности што ги нуди нашата земја во функција на привлекување нови холандски инвестиции.